Судот во Стразбур бара одговори од Владата за предметите против Груевски, Јанкуловска, Јанакиески

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур на својата веб страна ги објави жалбите на десетина поранешните македонски функционери обвинети во случаите на поранешното Специјалното јавно обвинителство.

Во предметите се објавени и прашањата што судот ги испратил до македонската Влада поврзани со аболицијата што поранешниот претседател на државата, Ѓорѓе Иванов им ја даде на вкупно 54 лица во 2016 година кои во тој момент беа предмет на истрага од специјалнот обвинителство.

Според објавеното од ЕСЧП жалби против државата пред судот испратиле поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерката за внатрешни, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, поранешениот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, екс градоначалниците на Гази Баба и Битола, Тони Трајковски и Владимир Талески, Едмонд Темелко, градоначалник на Пустец. Како и шефот на кабинетот на Јанкулоска, Киро Тодоровски.

Во своите жалби до судот сите тие бараат судот да утврди дека аболицијата дадена од Иванов не можела да биде повлечена и дека постапките против нив треба да бидат прекинати или поништени.

Судот меѓу другото бара одговори и од апликанитите и од Владата на прашањата: Дали одлуката за аболиција од претедателот може да се отповика? Дали одлуката за повлекување на аболицијата е базирана на последователна законска одредба компитабилна со принципите на владеење на правото или правна сигурност?

Како што е познато, во април 2016 година тогашниот шеф на државата Иванов донесе одлука за помилување на 54 лица со образложение дека тоа е излез од сериозната политичка криза во земјата. Но, под притисок на јавноста и протестите Иванов донесе нова одлука со која што ги повлече помилувањата.

Инаку, уште тогаш дел од македонските експерти по кривично право предупредија дека пресудите против обвинетите од СЈО би можеле да паднат пред судот во Стразбур со образложение дека еднаш дадена аболиција не може да биде повлечена.

Порталот мкд.мк потсетува на изјава на професорот по кривично право, Гордана Калајџиев кој вели дека судот веќе има донесено одлука по сличен случај кој што оди во полза на лицата кои сега се жалат. Калајџиев го посочи случајот Лекса против Словачка (предмет што и судот сега го споменува во прашалникот испратен до македонските власти) .

„Овој случај е сериозен проблем на кои случаите на СЈО допрва ќе наидат во Стразбур, Критична била околноста дека помилувањето било законито, а повлекувањето воопшто не било предвидено со уставот на Словачка. Судот сугерира дека во таков случај кривичната постапка требала да биде запрена, а предметот да се смета за res judicata“, напиша Калајџиев.

Професорот Калајџиев во мај 2019 година напиша дека при евентуална постапка во Стразбур државата би требало да се обиде да го убеди судот дека ова не се ситни и изолирани случаи на злоупотреби.

„Ќе треба да го убеди судот дека се работело за сериозна и организирана злоупотреба на власта со масовно кршење на човековите права … Овие можни аргументи во корист на Р. Македонија во можната постапка пред судот во Стразбур се ослабнати со фактот дека помилувањата се повлечени без констатирана незаконитост или пречекорување на овластувањата“, напиша тогаш професорот Калајџиев.

Инаку, досега судовите во Грција и Шведска одбија да екстрадираат осомничени или обвинети во предметите на поранешното СЈО токму повикувајќи се на аболицијата од Иванов.

Македонското Министерство за правда има рок до 20 декември да одговри на прашањата на судот во Стразбур.
Барањето од судот, во дел од медиумите, се толкува како пат кон за можно спогодување со повлекување на судските предмети, што индиректно ќе значи и признавање на грешка. На државата сега ѝ преостанува на Судот во Стразбур да му објаснат дека и Иванов и другите биле дел од таа „заробена држава“ и дека не може на овие поединци да се гледа како на лица на кои им се прекршени основните човекови права.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.