Судот во Стразбур и’ наложи на Македонија да обесштети двајца Роми малтретирани од полицијата

Европскиот суд за човекови права во Стразбур, донесе пресуда во корист на двајцата тужители Роми, кои беа застапувани од Европскиот центар за права на Ромите.

Пресудата се однесува на инцидент од 2014 година во кој, двајцата Роми на тогаш 16 односно 13 години, биле малтретирани од страна на полицијата во Скопје.

– Судот ѝ наложи на Владата на Северна Македонија да им исплати на Ромите, кои се сега на возраст од дваесет и три години и деветнаесет години, износ од 7.500 евра, поединечно – се вели во соопштението на ЕЦПР.

Ѓорѓе Јовановиќ, претседател на ЕЦПР, вели дека е вознемирувачки да се види како за овие млади деца, правдата во Северна Македонија очигледно не може да се добие.

Институциите како што вели тој, не се потрудиле да спроведат успешна истрага против своите службеници, а дека не е ретко да се забележи ваков вид на расистичко насилство.

Инаку на 19. мај 2014. година, припадниците на полициската единица „Алфи“, барале силеџии кои биле пријавени дека нападнале жена на дваесеттина години. Подоцна откако полициската патрола ги пресретнала, ги нападнала лицата, па потоа 16-годишното момче го привеле во полициската станица Центар. Таму како што наведуваат бил дополнително тепак, а откако бил повикан и неговиот татко, му се обратиле со зборовите: „Најди ја чантата или ќе те убијам пред татко ти“. Под веќе таквата закана тој потпишал признание.

По ваквиот инцидент полицискиот инспекторат негирал дека имало престап сторен од страна на службениците на должност, потенцирајќи дека истите не ги прекршиле своите овластувања.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.