Судот во Стразбур со мерка за Македонија, ги замрзнува одлуките за случајот на Хинд Алболуки

Иако 42-годишната Хинд Алболуки тврди дека се соочува со закани од страна на нејзиното семејство само затоа што побарала развод од сопругот, сепак МВР го одби нејзиното барање за азил во Македонија. Одлуката беше обжалена, но Управниот и Вишиот суд одлучија да се одбие барањето. Иако, нашите институции, во рекордно време одлучија околу судбината на Хинд, сепак нивните одлуки сега се замрзнати од страна на Европскиот суд за човекови права. Од Министерството за правда, без да кажат за кој случај поточно станува збор, рекоа дека на 6-ти февруари примиле известување од Судот во Стразбур за изрекување времена мерка за Македонија, пренесува тв21.

Привремените мерки се разни и со различно времетраење, објаснува Џонова. Според неа, сега за сега Судот во Стразбур очекува Македонија да им одговори на прашањата околу случајот на Хинд, па дури потоа да одлучи дали изречената мерка ќе ја повлече или пак ќе ја продолжи со нови рокови.

До Бирото за застапување на Македонија пред Судот во Стразбур, сѐ уште не пристигнала апликацијата од странката која се жали, но се очекува истата да пристигне наскоро, бидејќи сѐ уште течат роковите за одбраната да достави барање во Стразбур. Причината поради која Судот изрекол времена мерка е оваа:

Хинд Алболуки во октомври 2018 година побарала азил во Македонија. Тврди дека се соочува со прогон од семејството и дека ѝ се закануваат со убиство, но и покрај тоа, Секторот за азил при МВР го одбил азилот. Објаснувањето што го даваат од кабинетот на Спасовски е дека не постои основа да се верува дека е прогонувана и дека не постојат причини да се верува дека ако таа се врати во Арапските емирати ќе се соочи со реален ризик од подлегнување на сериозни повреди. Освен што ѝ е одбиен азилот, Секторот за азил на 7-ми декември 2018 година побарал да ѝ се ограничи слободното движење. Затоа, од декември 2018 година, Алболуки била сместена во прифатниот Центар за странци во Гази Баба. Единственото објаснување за носење ваква одлука се наоѓа на документот потпишан од министерот за внатрешни работи, кој вели:

Се оцени дека е неопходно да се изрече мерка за ограничување на движење поради заштита на јавниот ред или националната безбедност, во период од три месеци, сметано од денот на врачување на ова Решение.“

На Хинд, ѝ даден рок од три месеци да престојува во Центарот за странци во Гази Баба, но од друга страна ѝ е кажано дека до 19-ти февруари мора доброволно да ја напушти Македонија. Но, нејасно е како таа може да ја спроведе оваа одлука кога е затворена во Центарот во Гази Баба. Доколку, согласно рокот, таа самата не ја напушти Македонија, нашите органи ќе ја депортираат во Дубаи. Инаку, еден правник што се занимава со нејзиниот случај, анонимно ни рече ова е правна катастрофа.  Инаку, Директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, вчера изјави дека нејзе лично случајот ѝ делува сомнителен, додавајќи дека смета оти има разни влијанија во целиот случај на Хинд.