Судот во Турција не го пушта на слобода пасторот Брансон

Дипломатскиот спор меѓу Турција и САД, се чини, во петок дополнително се заостри откако турскиот суд во Измир ја отфрли жалбата на американскиот пастор на евангелистичката црква Ендрју Брансон и одби да го ослободи од куќен притвор, односно да ја напушти земјата.

Американскиот пастор е притворен во Турција од октомври 2016 година со обвинение тероризам и шпионажа, односно за помагање на забранетата организација FETО, која ја води имамот Фетула Ѓулен кој речиси две децении живее во доброволен егзил во САД. Анкара Ѓулен и неговите приврзаници, заедно со десетици странски државјани ги обвине за организација на неуспешниот пуч од летото 2016-та. Брансон, исто така, е обвинет и за поддршка на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), а пасторот ги отфрла обвиненијата нарекувајќи го „срамни и одвратни“.

Кон крајот на јули судот во турската покраина Измир одлучи да го премести пасторот во домашен притвор. Со пресудата од 25-ти јули на Бренсон, исто така, забрането му е да ја напушта територијата на Турција. Претходно истиот суд го отфрли барањето за ослободување на Брансон. Следното рочиште во случајот на американскиот пастор е закажано за 12-ти октомври

Во петокот Вишиот суд во Измир ја отфрли жалбата на одлуката на општинскиот суд од пониска инстанца, кој во средата одби да го пушти на слобода Брансон и да му ја укине забраната за патување. Со тоа всушност пасторот не може да се врати во татковината, како што од Анкара бара Вашингтон.

Адвокатот на американскиот пастор, Исмаил Чем Халавурт, изјави за германската агенција DPA дека ќе поднесе жалба пред другите повисоки судови.

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ѝ се закани на Турција дека „ќе биде казнета“, доколку не го пушти Брансон на слобода. Спорот доведе до меѓусебни воведување санкции и зголемување царини меѓу двете земји, а последично и голема валутна криза во Турција.