Судот за воени злосторства во Косово ќе биде во Холандија

Седиштето на Специјалниот меѓународен суд за воени злосторства во Косово ќе биде во Холандија, а неговото формирање не може да се очекува пред следното лето, пренесе Танјуг, повикувајќи се на изјава на холандскиот амбасадор во Приштина, Роберт Бош.

-Холандија позитивно одговори на барањето за формирање на овој суд, што соодветствува на нејзините амбиции да биде светски центар на правосудството, но за реализацијата на овој проект, пред се, е потребна одлука на косовскиот Парламент, рече Бош за косовската телевизија РТВ21.

Амбасадорот забележа дека политичката криза во Косово, каде пет месеци по изборите уште нема активен Парламент и Влада, го одлага решавањето на овој проблем. Тој подвлече дека формирањето на судот не може да се случи без уставни измени и одобрение од Парламентот, по што треба да се склучи спогодба со Холандија.