Судски совет ги отфрли тврдењата на холандскиот амбасадор-работиме законски

Членовите на Судскиот совет денеска на работен колегиум разговарале за прашањата кои ги покрена холандскиот амбасадор во Скопје Дирк Јан Коп во интервјуто за Радио Слободна Европа. Во соопштението на Советот е наведено дека ги отфрлаат тврдењата на амбасадорот дека тоа тело е нелегитимно како неосновани и дека Советот и на колегиумот заклучиле дека функционира законски и во согласност со надлежностите.

„Членовите потенцираат дека првиот човек на Судскиот Совет е избран на седница со потребниот број на гласови утврдени во Законот за ССРСМ. Советот ги повика надлежните да ги испитаат сите сомнежи за корупција, а Врховниот суд дополнително и во законска процедура ги проверува сите одлуки донесени за проверка за одговорноста на судиите преку жалбениот Совет“, се наведува во соопштението од работниот колегиум на членовите на Судскиот совет.

Амбасадорот Коп во интервјуто за РСЕ изјави дека Холандија стави во мирување проект за Судскиот совет поради последните случувања. Станува збор за проект во вредност од милион евра за зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот Совет.

Холандскиот амбасадор отворено укажа дека причина за тоа е влошувањето на состојбите во правосудството, и дека Холандија тоа прашање го гледа како централно на кое ќе му посвети внимание, истакнувајќи ги последните случувања во Судскиот совет како преседан.

„Тоа е дел од поглавјето „основи“ кое прво се отвора, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот со Судскиот Совет кој всушност стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Сускиот совет. Ситуацијата е многу сериозна“.

Проектот што е ставен во мирување требало да се реализира до септември идната година и со кој требало да се зајакнат капацитетите и компетенциите на Судскиот совет преку размена на експертиза со холандскиот Совет за судство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.