Сунак и официјално денес ќе стане нов британски премиер

Новиот лидер на Конзервативната партија, Риши Сунак, денеска ќе стане британски премиер.

Владата го објави денешниот распоред, според кој премиерката во заминување Лиз Трас во 9 часот по локално време ќе го има својот последен настап со кабинетот, по што треба да одржи говор пред Даунинг стрит 10, јави Би-би-си.

Потоа, во 10:15 часот по локално време, Трас ќе замине во Бакингемската палата на последна аудиенција кај кралот Чарлс III, каде и формално ќе поднесе оставка.

Како нов лидер на Конзервативната партија, Сунак потоа ќе замине во Бакингемската палата на својата прва аудиенција кај кралот Чарлс III, каде што ќе биде официјално побарано да формира влада.

Новиот премиер потоа ќе одржи говор пред Даунинг стрит, што е планиран за околу 11:35 часот по локално време.

Сунак (42) ќе биде првиот британски премиер со азиско потекло и најмладиот премиер во повеќе од 200 години.