Суперхерои во новогодишна посета на децата од Клиниката за детски болести

Тимот од Црвен крст на град Скопје, денес на Клиниката за детски болести ги посети хоспитализираните деца на сите оддели. Членовите на тимот беа маскирани во костими од омилените херои од цртаните филмови, кои ја изведоа вежбата спуштање по јаже. Децата и останатите присутни на клиниката имаа прилика да се дружат и фотографираат со маскираните главни јунаци Спајдермен, Супермен и Бетмен.

„По втор пат се организира вежба со супер хероите, лани исто ова време и сега, целта е да им се олесни и разубави престојот на децата во клиника.“ – вели Кристина Георгиевска од организацијата Црвен крст – Скопје.

Во изминатиов период, волонтерите на Црвениот крст на град Скопје со поддршка од СВР Скопје Одделение за Превенција во СОС Детско село симулираше и укажување на прва помош на повредени деца при експлозија на пиротехнички средства во рамки на кампања „Среќна и безбедна 2020 година – петардите не се играчки“.

Целта на кампањата беше да се подигне јавната свест кај сите граѓани со акцент на младите за безбедна прослава на претстојните празници. Пиротехничките средства придонесуваат и за дополнително загадување на животната средина, но пред сѐ тие се закана за нашата лична безбедност.