Суперхикс одбележуваат три децении на сцената

Некаде на крајот на 1993 година, од страна на тројца скопски другари била формирана групата Суперхикс. Сепак, за официјален датум по кој се води “роденденот“ на групата е земен 03.03.1994 година, денот кога Суперхикс во трио формација го имале својот прв настап во тогашниот дебармаалски клуб The Doors.

Сето останато е речиси тридецениска музичка историја полна со интересни приказни.

Денес Суперхикс полнат 29 години и почнуваат да ја ситнат 30-ката а по повод големиот јубилеј групата подготвува славје кое ќе кулминира во март следната година со голем концерт и многу гости. Велат дека наскоро на јавноста ќе и ги обелоденат сите детали.

– Покрај “централната прослава” ова ќе биде и година на нов албум (се надеваме дека ќе имаме и винил на време), суперхиксовска изложба, акустик сесии, документарец,регрутација на младо членств о (настапи низ училишта) и уште куп други активности. Да не биде не сме кажале на време..имате една година! Ваша Банда Инструментале! – изјавија членовите од Суперхикс.

Инаку Суперхикс во континуитет работат цели 30 години и во својата кариера сцената ја делеле со големи имиња од светската музичка сцена, како: Manu Chao and Radio Bemba Sound System, House of Pain, Green Day, Bad Religion, Faith No More, The HIVES, Gogol Bordello, Roots, Inner Circle, Fun Lovin Criminals (twice), Tito and Tarantula, Henry Rollins, Rico Rodriguez (The Specials)), 30 Seconds to Mars, Flogging Molly, Fishbone, Fun Da Mental, Morcheeba, Moloko, Gentleman, Napalm Death, Hladno Pivo, Let 3, Zemlja Groova, Kud Idijoti, Edo Maajka, Atheist Rap, Mizar и многу други.

Велат дека не успеваат да ги избројат сите настапи во Македонија и светот, имаат издадено 2 демо изданија (демо касета и ЕП), 5 студиски албуми и 1 компилациски (best of), еден албум во живо, десетици компилациски учества и секако најновиот албум кој ќе пристигне годинава а за кој веќе се пуштени во “промет“ сингловите „Добар Човек“, „Модерна Љубов“, „АНА“, „СКАрантин“, „Крута“..

Суперхикс, во своите 3 децении постоење, имаат добиено десетици награди на разни музички манифестации во Македонија но и регионално за: “концерт на годината“, “бенд на годината“, “сингл на годината“, “група со трајни музички вредности“, “музичка константа“, “албум на годината“ и сл.

Им го честитаме роденден на Суперхикс и им посакуваме уште 30 години успешна кариера. Сигурни сме дека ова ќе биде нивна година и дека ќе ги израдуваат своите фанови со многу настапи и со нивната препознатлива хикси енергија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.