Супертајфунот Мангкут однесе четири животи во јужна Кина, стотина на Филипини

Четири лица смртно настрадале во кинеската покраина Гуандонг која се најде на патот на супертајфунот Мангкут, соопштија властите во понеделникот, а во Хонгконг започна расчистување на теренот по еден од најжестоките тајфуни во изминатите неколку години.

Три лица загинале во уривањето на стебла во градот Гуангжу на југот од Кина. Во уривање на зграда загинало уште едно лица во Донгуанг, објави националниот центар за помош во катастрофи.

Во Хонгконг во тајфунот се повредени околу 200 луѓе. Бурата искорнала стотици стебла, оштетила патишта и тротоари. Обилните поплави нанеле големи штети, особено на зафрлените хонконшки острови каде заедниците живеат поблиску до брегот.

Откако најжестоката бура оваа година го мина регионот во неделата, поради што беа евакуирани повеќе од 2,5 милиони луѓе и беше запрен железничкиот и воздушниот сообраќај, започна чистењето на настраданите области, пренесува кинеската новинска агенција Xinhua.

На Филипини, пак, во понеделникот властите изразија стравувања дека во невремето загинале стотина луѓе како последица на разорниот тајфун чии ветрови достигнуваа брзина од околу 260 километри на час, силни врнежи и поплави.

Меѓу 40 и 50 луѓе се водат како исчезнати во одрон врз рударска населба во градот Итонг, речиси 200 километри од филипинската престолнина Манила.

„Веруваме дека овие луѓе кои се таму заглавени, можеби 99 отсто, сите се мртви. Нема да престанеме да копаме и да бараме додека не ги најдеме телата“, изјавил градоначалникот на Итонг, Виторио Палангдан.
.