Суспендиран советникот на Спасовски осомничен за оддавање на службена тајна

Советникот на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој беше приведен поради оддавање на службена тајна, е суспендиран од работното место до завршување на дисциплинската постапка, потврдија од МВР за „Нетпрес“.

-Ве известуваме дека Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди утврди оти постои основано сомнение дека од страна на вработениот Д.С. е сторена повреда на член 155 и член 187 ст.1 точка 8,11 и 19 од Законот за внатрешни работи, како и член 208 ст.1 точка 8,11 и 20 од Колективниот договор на МВР.  Затоа против истиот се преземени мерки, или поточно, во претходно утврдена постапка согласно Законот за внатрешни работи и Колективниот договор донесено е решение за отстранување од работното место до донесување на решение во дисциплинската постапка- велат од МВР.

„Нетпрес“ од МВР и од Основното јавно обвинителството пред една недела побара одговор зошто советникот не е суспендиран, ако веќе не му е одреден притвор, туку само му се одредени мерки на претпазливост.

Не ни беше одговорено дали Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди истражува евентуална вмешаност на друг вработен или службено лице во МВР кое можеби му помогнало на советникот, како и дали можеби ова не единствен ваков случај. Ниту од ОЈО не добивме одговор зошто, ако веќе се инсистирало на мерки на претпазливост, а не на притвор, е побарана само забрана за преземање одредени работни активности што се поврзани со кривичното дело.

Против Д.С. е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување. Тој како државен советник за полициски и криминалистички работи во Кабинетот на Министерот за внатрешни работи спречил обезбедување докази за водење на кривична постапка, откако со пречекорување на службените овластувања прибавил службена тајна, класифицирана како „Строго доверливо“, наведена во две судски наредби за примена на посебна истражна мерка, а кои биле во тек на спроведување над за него познато лице.

Неколку дена по скандалот со Д.С. „Нетпрес“ информираше и дека Љубиша Р. од Куманово, поранешен полицаец вработен во Регионалниот центар Север и отпуштен од МВР поради недисциплина бил вработен како советник на Спасовски.

Од министерството само одговорија дека Љубиша Р. од 6 февруари е вработен во МВР, согласно законот за внатрешни работи и не постои никаква законска пречка за неговото вработување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.