Суспендирано финансирањето на Златна Зора

Грчкиот Парламент синоќа усвои одлука за суспензија на финансирањето на екстремно десничарската партија Златна зора, со што е исполнета законската одредба за санкционирање на партиите обвинети за криминални активности.

Пратениците ја поддржаа суспензијата на финансирањето на неонацистичката партија со 241 гласа „за“, 26 „против“ и петмина „воздржани“.

Според најновите анкети, Златна зора е трета по популарност партија во Грција, иако се покренати обвиненија против неколку нејзини членови по убиството на музичарот и антифашистички активист Павлос Фисас.

Испитувањето на јавното мислење, што за дневниот весник „Етнос“ го спроведе агенцијата „Метрон анализа“, покажува дека доколку изборите би се оддржале сега за Златна зора би гласале 6,7 отсто од испитаниците. Овие резултати се поклопуваат со податоците и од другите анкети, според кои, Златна зора ја поддржуваат околу седум проценти од Грците.

Поддршката за неонацистите значително опадна од максималните 13 отсто во јули, откакоа во септември еден нивни симпатизер го уби раперот Фисас. Меѓутоа, поддршката на партијата повторно почна да расте по убиството на двајца припадници на Златна зора на почетокот на овој месец, за што одговорност презедоа левичарски екстремисти.

Досега шест од вкупно 18-те пратеници на Златна зора се обвинети за „членување во криминална организација“.