Колумни

Суверенизмот – Единствен лек за заразените општества

Суверенизмот – Единствен лек за заразените општества

Ако тргнеме од медицинското правило дека мора да воспоставиме вистинска дијагноза на болеста за да го најдеме лекот, во политичкиот живот мораме да ги дефинираме причините кои довеле до криза, за да можеме да и се спротивставиме.

Она што денес, како најголема криза од осамостојувањето, и’ се случува на Македонија, не е ниту изолиран, ниту вирус наменет само за нас, Македонците. Заразата е резултат на неколку светски процеси кои се одвиваат со децении наназад, а за жал, својот интензитет го добиваат токму сега и овде.

Но, да одиме по ред.

Прво: Процесот на агресивно ширење на радикалниот, милитантен ислам.
Во 1988 година, на Конференцијата на исламските држави во Џеда, под огромно влијание на веќе формираните милитантни исламски организации, беше донесена стратегија за исламизација на Европа. Десеттина години пред тоа, Збигњев Бжежински, еден од водечките геополитички стратези во САД, по влегувањето на тогашниот Советски Сојуз во Авганистан, во 1979 година, го наговара тогашниот американски претседател Џими Картер да потроши милијарди долари за да ги вооружи и обучи исламските милитанти. Оттогаш почнува ерата на забрзан развој на радикалниот ислам и исламските милитантни организации како Талибанците, Ал Каеда, Исламска Држава… кои се испреплетуваат и претопуваат, а заеднички именител им е вооружувањето и финансиите што структури од САД и Саудиска Арабија им ги пружаат. Тие,со своите терористички активности, заедно со погрешните политики на кои е наведен Западот од страна на ЦИА и МИ6, се причините за масовните миграции од Блискиот Исток кон Европа, со што се остварува зацртаното од Џеда. Стотиците илјади мигранти во западните општества создаваат енклави, или цели острови од совршено различни култури. На таков начин, според Семјуел Хантингтон, „судирот на цивилизациите“ добива внатрешна димензија во рамките на одделните држави. Македонија, според зацртаното во Џеда, е јазолот од каде исламизацијата на Европа треба да се движи по два крака – јужниот, преку Албанија и Италија, до Пиринеите, и Британските острови, и северниот, од Косово и БиХ, преку Австрија и Германија, се’ до Скандинавија.

Второ: Православието е пречка за новиот светски поредок.
Ова е главната теза на човекот чие име повторно го среќаваме во оваа анализа – Збигњев Бжежински. Оваа теза е движечката сила на сите несреќи, војни и судири на Балканот, во Украина, Грузија, Кавказот… Така, според Бжежински, за да може да се инсталира новиот светски поредок, мора да се уништи православието, или под замислата за Екуменизам, да се потчини на Ватикан. Затоа, не е случајна улогата на Бжежински, Полјак по потекло, заедно со Папата Јован Павле II, исто така Полјак по потекло, во настаните во Полска во осумдесеттите години, со создавањето на „Солидарност“ на Лех Валенса, а заради крајна цел, уништување на Советскиот Сојуз и слабеење на православна Русија. А, Македонија се наоѓа токму во центарот каде што преку трансферзалата исток – запад, позната како ЗЕТРА (зелена, или исламска трансферзала), треба да се пресече и уништи трансферзалата север – југ, онаа на православното опстојување. Застанувањето на страната на саудиските власти кои организираа ликвидација на саудискиот новинар во Истанбул, од страна на челниците на ИВЗ, потврдува, за жал, дека за претставниците на албанското малцинство во државава, горливите заложби за влез во НАТО, со бришење на македонското име и идентитет, се само маска во процесот за целосно ширење на зелената трансферзала во државава.

Трето: Улогата на Ватикан во Украина и на Балканот.
Со децении наназад Ватикан се залага за историска средба на исламот и католицизмот, што само по себе подразбира потреба за уништување на православието. Токму затоа, градејќи католички храмови во ултраправославните средини во Украина, уште пред неколку децении, Ватикан подготвуваше терен за руско – украинско непријателство заради ослабување на православието. А, во 1995 година, кога тогашните претседатели на Србија и Хрватска, Милошевиќ и Туѓман, потпишаа договор за поделба на БиХ, хрватскиот претседател, уште ноќта доби заканувачка порака веднаш да ја стопира поделбата заради, цитирам „историска средба на исламот и католицизмот“. Во Република Македонија, католичката заедница е најмоќна во Струмица и струмичко, од каде потекнува Зоран Заев и каде работи Владиката Наум, кој сосема случајно се појавува како духовник на двајца премиери, во два историско уништувачки моменти за Македонија, на Љупчо Георгиевски при потпишувањето на рамковниот договор и на Зоран Заев при потпишувањето на Преспанскиот договор. Инаку, скопската бискупија, сосема случајно, се наоѓа под јуриздикција на сараевската врхбискупија, токму местото на историската средба на исламот и католицизмот.

Четврто: Интересите на трансконтиненталните корпорации за светска глобализација
Сите тие, директори и сопственици на трансконтинентални компании, големи политички лидери, банкари… членуваат во „Билдербершкиот клуб“, чиј долгогодишен член и идеолог беше токму Збигњев Бжежински, човекот чие име по третпат се појавува во оваа анализа, кој својата стратешка теза за надворешната политика на САД, ја изгради единствено врз омразата кон Русија и православието. Денес, на тоа најбогато друштво на светот, единствена пречка во остварувањето на своите цели за глобално владеење, му претставуваат суверените држави. Ним, според ова друштво, на кој било начин треба да им се одземе суверенитетот. Не случајно за нив најголеми непријатели се Путин, Ердоган, Орбан заедно со Вишеградската четворка, а во поново време Трамп и Салвини. Сите до еден суверенисти и политичари свесни за опасноста од уништувањето на суверените држави. Главни играчи на друштвото од „Билдербершкиот клуб“ се остатоците од длабоката држава во САД и корумпираните бирократи во Брисел, а добро платени изведувачи на работите се неолибералните леви партии, левичарски здруженија, наменски формирани невладини и цивилни организации и секако, домашни политичари подготвени на послушност. И секаде, како што кај нас им пречеше „режимот“ и „груевизмот“, им пречат „режимите“ и путинизмот, ердоганизмот, орбанизмот, салвинизмот, трампизмот. Тоа ќе рече, ним единствено им пречи СУВЕРЕНИЗМОТ. Ако подвлечеме црта ќе видиме дека сите овие процеси се преклопуваат и овде во Македонија и дека изведувачите на работите со методи на лага, хистерија, лажни вести и многу странски пари, се борат против „режимите“ во суверените држави заради глобализацијата која ќе овозможи уништување на православието, исламизација на Европа преку реките мигранти и историска средба на исламот и католицизмот. Токму затоа коалицијата „За подобра Македонија“ беше насилно тргната од власт, а суверенизмот беше сатанизиран како „груевизам“, заради инсталирање власт на послушниците на неолибералните глобалисти, заедно со зад НАТО-агендата скриените албански радикални исламисти распоредени во политичките партии, а со цел уништување на суверената македонска држава. Спорот за името им е само алатка во остварување на таа цел.

Суверенизмот е единствената наша одбрана, единствениот лек за заразеното општество. Суверенизмот како светски процес, како неопходна терапија за вирусот наречен неолиберално зло.

Автор: Страшо Ангеловски, Претседател на МААК за НетПрес