И свадбите замолкнаa пред ЗАМП?!

Забраната за јавно емитување и реемитување на македонска и српска музика во македонскиот медиумски етер поттикна многу дилеми околу исправноста и оправданоста на цензорската одлука на ЗАМП. За дел ова значи почеток конечно да се стави во ред состојбата на авторските права, за други е неприфатливо и значи само вовед во безизлезна ситуација.

Останува прањeто што е со услужниот сектор односно како ќе справат со овој проблем сопствениците на угостителските локали? Дали и тие се подлежни на оваа забрана од ЗАМП или имаат некоја основа по која се изоставени од оваа одлука за користење на авторска музика на македонски и српски јазик?

Од неколкуте угостителски локали со кои стапивме во контакт велат дека оваа одлука лошо ќе се одрази на нивниот бизнис.

Како да ви кажам, свадба без невеста не бидува, муштериите се дојдени да се релаксираат слушајќи ги нивните омилени песни од македонските, српските и останатите автори. Сега нема да смеам да им го приуштам тоа и затоа многу негативно ќе се одрази на нашиот бизнис, велат од ресторанот „Имес“ за Нетпрес.

Се обидовме да стапиме во контакт и со дел од скопските хотели, но се чини дека не се засегнати од овој проблем кој секако ќе ги зафати и нив како угостителски објекти.

Ја слушнав забраната од ЗАМП, но нас лично никој не ни доставил забрана за ваквата авторска музика. Не сме сигурни дали тоа важи на нас, но најверојатно ќе морам да се придржувам за ова ново правило покрај тоа што штетно ќе биде за работата на нашиот ресторан. Нашиот репертоар некои 60 отсто е составен од македонска музка, 20 отсто од српска музика и 20 отсто е музика од останатите говорни подрачја, вели еден од менаџерите на ресторанот „Скопски Мерак“.

Инаку забраната за емитување на авторски музички дела од репертоарот на ЗАМП кој брои безмалку 6.000 автори и важи од 20 септември 2016 година, е реакција на новата колективна организација СОКОМ-МАП за заштита на авторските права која се огласи со свој тарифник, кој е со 50 отсто намален надоместок за јавно соопштување на авторски музички дела, одностно до 100 отсто намалување за радиодифузно емитување и кабелско реемитување објавен на 27 јуни 2016 година. Од 1 октомври 2016 од СОКОЈ, српската организација за заштита на авторските права како и ХДС, хрватската организација за заштита на авторски права, доставија соопштенија каде што во сила стапува забрана за емитување и реемитување на авторските дела на авторите од овие две земји додека не се надминат разликите на ЗАМП и СОКОМ-МАП, односно додека не се усогласат тарифниците за заштита на авторските права во Македонија.

Во оваа забрана не спаѓа емитување на српските музички шоуа. Оние телевизии кои ги имаат откупено правата на нивно емитување на кои се емитува српска музика имаат склучено договор со одредена продукција која го подмирува својот долг за користење на авторската музика. За овој став се произнесло Здружението на приватни медиуми на Македонија (ЗПММ), односно Иван Мирчевски. Тој додава дека ако некоја телевизија има договор со некоја продукција за откупување на програма, никој не е во можност да го забрани тоа.

Тие со своја реакција излегоа во јавноста веднаш откако ЗАМП ја соопшти својата одлука за забрана за емитување на македонска музика:

Со оглед на законската обврска за емитување одреден процент македонска музика на медиумите во РМ, со оваа забрана, а со оглед на бројката на авторите и делата што се забранети, членовите на ЗПММ нема да можат да ја исполнат законската обврска, пред сè поради премалиот број на песни што останаа и кои можат да се емитуваат. Во најитно време да ни обезбедите услови за да можеме да ги исполниме нашите законски обврски, кои сме ги прифатиле и кои ги почитуваме за заштита, промоција и негување на македонската музика. Во спротивно, како Здружение, ќе им посочиме на нашите членови, комплетно да ја тргнат од своите програми македонската музика сè до комплетното средување на работите и односите во оваа исклучително важна област. Ве молиме за итна реакција и да ни се обезбедат потребните услови за нормална работа, се вели во соопштението.