Свечен настан на ВМРО-ДПМНЕ: „Свети Климент Охридски, стожерот на македонската грамотност“

Денес во домот на културата „Билјана Беличанец“ – Скопје по повод празникот 8-ми Декември, Свети Климент Охридски, Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и Централната комисија за култура организираа свечен настан на тема – „Св. Климент Охридски, стожерот на македонската грамотност“.

На настанот се обрати Александар Какасули кој што истакна дека јазикот е нашиот идентитет, Свети Климент е нашиот идентитет и Свети Климент е творецот на македонската нација, култура, и темелот со кој ја градиме нашата културна историја.
„Имам идентитет тоа значи дека имам нешто исто заедничко со моите претходници, со моите предци, за да го имам духот и благословот на моите предци потребно е да ги почитувам и да се борам да ги задржам делата што ни ги оставиле нам. Нивната борба, нивниот подвиг, нивната самоопределба да продолжи. За да го зачувам својот идентитет и својот јазик треба да ги почитувам нив, бидејќи така сме настанале ние. Особено ние како Македонци мора да внимаваме и да се бориме за нашиот македонски јазик бидејќи тој е нашата светост. Јазикот е нашиот идентитет, Свети Климент е нашиот идентитет, Свети Климент е творецот на македонската нација, култура, и темелот со кој ја градиме нашата културна историја. Свети Климент е деецот на историското проникнување на историската цивилизациска свест во македонската современа духовна и културна традиција. Токму дејноста на светите Климент и Наум Охридски се втемелени во континуитетот на македонската културна историска насока и идентитет. Има работи во животот за кои вреди да се бориш ова е тоа време ова е таа наша борба ова е борбата за иднината на Македонија“, истакна Александар Какасулис.

Претседателка на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска истакна дека словенската писменост во Македонија е наша непроценлива културна оставнива која вечно ќе сведочи дека овде живее народ со корен.

„Во црквите што ги изгради Климент и во Охридската книжевна школа свети огнот на писменоста, свети огнот на верата, свети огнот на вистината. Овој оган вечно ќе свети и ќе сведочи за тие што овде суштествувале многу пред нас, за нивните мисли, фантазии, за нашето минато. Словенската писменост во Македонија е нашата непроценлива културна оставнина, оти таа вечно ќе сведочи дека овде живее народ со корен, дека овде живее народ со традиција, народ со историја“, истакна Пешевска и додаде:
„Во ова време кога македонскиот народ е соочен со тоа што некој од надвор се обидува да ни каже кои сме и што сме ние Македонците, да некој од надвор сака да ни наметне некаква заедничка историја, нашиот одговор е овој: „Македонскиот народ има свој јазик и своја историја како основа на македонската посебност, а Свети Климент Охридски е доказ за тоа“.

Свое обраќање имаше и Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кој што истакна дека тука се мисиите и на Кирил и Методиј, создавањето на глаголицата, преведувачките школи и можеби она најважното црковната и просветителската дејност на Свети Климент Охридски.

„Тука на Балканот, во Македонија се родила македонската ренесанса. Знам чудно е, многумина од нас не слушнале досега за терминот македонска ренесанса, и јас немав слушнато затоа што и не сме го учеле како тема по историја. Патем онаа ренесанса што сите ја знаеме започнува во 15-тиот век под влијание на италијанските хуманисти. Со овој поим се означува периодот на македонската династија која владеела со Источното Римско Царство. Односно Византија и тоа од 867 до 1056-та година. Овој термин во историјата на уметноста позната како средна византиска ренесанса или прва византиска ренесанса. Терминот македонска ренесанса првпат е употребен на Универзитетот Пристон во 1948 година од страна на Курт Вајцмен. Македонската ренесанса во уметноста е во директна врска со христијанството најмногу во црковната архитектура и сликарство односно фреско сликарство. Сите знаеме дека Ангелот од Курбиново и Оплакувањето на Христос во Св. Пантелејмон се ренесанса пред ренесансата на Џото“, истакна Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Љутков додаде дека тука се мисиите и на Кирил и Методиј, создавањето на глаголицата, преведувачките школи и можеби она најважното црковната и просветителската дејност на Свети Климент Охридски.

„Свети Климент е темелот на образованието. Па така ако ги бараме корените на нашиот образовен систем секако ќе стигнеме до Свети Климент Охридски. Неговиот Универзитет е прв во светот. Свети Климент имал 4.000 студенти“, појасни Љутков.
Тој нагласи дека да се имаат во континуитет Аристотел, Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски, Пејчиновиќ, Санаидски, Крчовски, а потоа и Жинзифов, Пулески, Чуповски и пред се Мисирков како и Рацин и Конески, и денес образовниот систем во Македонија и науката да исчазнуваат не е воопшто за пофалба. Но, сеќавајќи се на овие просветители Македонија има можност да се промени и да се врати образованието на правиот пат.

Проф. м-р Мими Ѓорѓоска – Илиевска истакна дека во Македонија постои огромна почит кон светецот Свети Климент Охридски кој дејствиено се вградува во колективната свест и во трајната меморија на македонскиот народ.

„Човековата минливост му пркоси на времето и на заборавот со големи дела. На овој значаен празнуван христијански ден кога го славиме светецот, мисионерот епископот проповедникот народниот заштитник исцелителот книжевникот музичкиот педагог билкарот возвишениот Свети Климент Охридски ја разбираме вредноста на вечната вистина. Бројни се податоците за Свети Климент Охридски поврзани со неговата дејност и неговите дела. Имаме изобилство на текстови во кои е претставена и опишана дејноста на светецот и ја покажуваат трајната вредност на она што како дело го оставаме зад себе. Големиот светец со својата просветна дејност вградена во безпоштедната борба и одбрана на Кирилометодиевсите наследства ука и традиција олицетворена преку Охридската книжевна школа и нејзиниот културен и духовен плашт раширен врз голем дел од словенскиот род како и со секојдневното животно подучување на обичните луѓе ја потврдува длабоката констатација дека почитта не може да се побара а потоа лесно да се добие. Почитта единствено може само да се заслужи. Со блискоста и непосредноста на Климент кон обичниот народ, со својот татковски совет тој на народот му изгледал пристапен и дофатен. Народот во него почнал да ја наоѓа заштитата и поткрепата во тешките моменти. Почитта на Македонците кон Свети Климент не е условена таа е изградена на она едноставно човечко чувство кое може да се опише како внатрешен мир и спокој кој необјасниво доаѓа во нас со нечие присуство. Во Македонија не постои само култ кон светецот, туку во Македонија постои огромна почит кон светецот кој дејствиено се вградува во колективната свест и во трајната меморија на македонскиот народ“ нагласи Мими Ѓорѓоска – Илиевска.

Александар Јорданоски, член на Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека Свети Климент е најсилниот ластар кој израсна во стебло стожарник од никулецот што почна да рти писменоста и која се рашири во половина Европа.

„Свети Климент е најсилниот ластар кој израсна во стебло стожарник од никулецот што почна да рти писменоста и која се рашири во половина Европа и почетокот на рушење на табуата дека писменоста, науката и културата се привилегија на тогашните елитни јазици, латинскиот и старо грчкиот. А, нашите први учени Свети Кирил и Методиј уште пред десетина века ја зачнаа авангардата на самостојно критичко размислување и покажаа дека овој простор раѓал, раѓа и во иднина ќе раѓа личности кои ќе ја чуваат самобитноста на националните признаци“, истакна м-р Александар Јорданоски, член на Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ.

Јорданоски посочи дека Свети Климент како еден од најпроникливите следбеници на вон сериското дело на Светите Кирил и Методиј, тој не само што ја продолжи нивната мисија на описменување и просветлување, на Охридскиот рид создаде образовен систем препознаен во науката како Охридска книжевна школа. Тој систем беше зачнат со околу 3.500 ученици кои во вековите кои што претстоеја создаде амбиент за народот кој го прими тоа семе да не биде слеп при очи и глув при уши.

„Далековидоста на неговата упорност ги надминува и државотворните елементи на еден народ и империјалните амбиции и големите влијанија во светот. Образовниот систем на Свети Климент надживеа и краткотрајни средновековни кнежевства и долговечна империја и световни војни. Денешницата пред ваквото дело со сиот систем, технологија и финансии што ги поседува треба да се запраша самата себеси за својата краткотрајност и постојаниот процес на вечните реформи. Овде се поставува прашањето дали единката создава систем или системот ја загрозува единката“, нагласи Јорданоски.

Проф. д-р Михајло Марковиќ истакна дека има историчари кои имаат различни мислења за тоа дали Св. Климент е роден во Солун или Охрид, но тоа што е сигурно е дека се родил во Македонија и со тоа е наш Македонски просветител.
„Свети Климент се родил околу 835 година во Македонија, точно се знае местото на раѓање. Местото на раѓање е Македонија, библиската земја. Некои историчари сметаат дека се родил во Солун, но можеби се родил и во Охрид, но во секој случај станува збор за раѓање во Македонија, на нашата земја на наша почва и тоа е наш македонски просветител“ истакна Марковиќ.

Тој додаде дека Македонците немаат никаква потреба да го бранат македонскиот јазик бидејќи фактите го прават тоа.

„Ние Македонците немаме никаква потреба да го браниме и да се срамиме од нашиот македонски јазик, туку напротив, фактите се на наша страна. Треба силно да удриме со вистината и да ја подржиме само светлината. Македонскиот јазик е основа за сите словенски јазици за што сведочат светите македонски браќа Кирил и Методи и светите духовни браќа Македонци Климент и Наум Охридски“, потенцираше Марковиќ.