Свечена седница и високи гости за ратификацијата на членството во НАТО

Ден пред распуштањето на Собранието, пратениците на 11-ти февруари ќе го усвојат Протоколот за Ратификација на договорот за членство во НАТО. Усвојувањето ќе биде на свечена седница, на која што се поканети голем број гости од странство и државата.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска информираше дека на оваа свечена седница се поканети и претседателите на парламентите на земји членки на Алијансата од регионот – Албанија, Бугарија, Грција, Словенија, Хрватска и Црна Гора, како и претставници на Парламентарното собрание на Алијансата и на генералниот секретар на Пактот, Јенс Столтенберг, како и до амбасадорите на земјите членки на НАТО во Скопје. Покани за присуство на седницата се упатени и до актуелниот и поранешните претседатели на државата и на Парламентот, како и до лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Во официјална посета на македонскиот Парламент на 10 и 11 февруари ќе биде претседателот на словенечкиот Парламент, кој ќе има и свое обраќање пред пратениците. За чинот на ратификација тој ќе биде поканет во својство на претставник на земја-контакт за нашето членство за НАТО.

За изгласување на протоколот за членството на земјава во Алијансата потребни се 61 глас од пратениците. Протоколот ќе има одложено дејство поради тоа што најавите се дека Шпанија нема да успее да го ратификува протоколот пред да се распушти македонското Собрание поради изборите кои треба да се одржат на 12-ти април.

Џафери најави дека одлуката за самораспуштање на Собранието ќе биде донесена на 12-ти февруари, а најдоцна следниот ден се очекува тој да ја потпише одлуката за распишување на предвремени парламентарни избори на 12-ти април.