Сведочењето на Заев, пример за измислена конструкција

На денешното сведочење на Зоран Заев во случајот „Титаник“ по којзнае кој пат беа во целост ставени под сомнеж тезите и конструкциите на обвинителката Лиле Стефанова за овој случај.

Заев, на барање на Стефанова да ги презентира своите сознанија за изборите во 2014 година изнесе серија тврдења за нерегуларности кои воопшто не се дел и предмет на обвинение во случајот „Титаник“.

Па така Заев збореше за сознанија кои ги добил за притисоци и уцени за гласање од страна на вработени во Шумската Полиција, водостопански заедници, финансиска полиција, УЈП, земјоделски, пазарен и трудов инспекторат како и од вработени во центри за социјални работи. За волја на вистината ниеден вработен од наброениве институции не е обвинет во судскиот процес ниту пак е предмет на обвинение било каква злоупотреба на споменатите институции.

Запрашан дали како тогашен шеф на опозицијата за изборите во 2014 година за сите наведени ситуации поднел претставка, пријава или жалба до соодветните институции Заев одговори потврдно дека поднеле до сите институции. Вистината е дека во 2014 СДСМ до ДИК, чиј претседател Никола Рилкоски бил на предлог на Заев и СДСМ, доставиле вкупно ТРИ приговори кои биле одбиени и од ДИК и од Управниот Суд.

Ваквото сведочење непоткрепено со ноторни факти продолжи со исказот на Заев дека во текот на изборниот процес во 2014 бил во директна телефонска комуникација со тогашниот премиер Никола Груевски се до изборниот ден на вториот круг за претседателски и парламентарни избори.

Заев натаму зборуваше за навотниот притисок врз приватните фирми и нивните вработени за кого да гласаат заборавајки дека токму неговиот брат и братучеди се закануваа таа 2014 да се бркаат од работа членови на ВМРО-ДПМНЕ и да се исклучува струјата на сите сиромашни Роми кои нема да гласаат за СДСМ. Токму за ваквите изборни нерегуларности во 2019 година Вилма Рускоска го ослободи од кривичен прогон иако целокупната јавност слушна, виде и разбра како Зоран и Вице купувале ромски гласови преку Ерол Фетиов во Турското Маало и улицата Бетовенова во Струмица.

Лично кажува како го почувствувал притисокот дека бил прислушкуван од УБК и контролиран од директорот на Финансиската полиција, иако ниту еден од наброените нема никакво обвинение за тоа што Заев го говореше денеска во судницата. Повеќе од очигледно беше денеска дека Заев беше декор за докажување на измислените тези на Стефанова отколку со суштински информации да се дојде до материјалната вистина. Кон ова се дополнува фактот што исказот на Заев во СЈО го нема и не бил доставен до одбраната и нејасно е кога дал исказ за овој предмет воопшто иако Стефанова полна со самодоверба пред Заев на одбраната и соопшти дека тој исказ воопшто нема намера да и го достави.

Со ова се доби впечаток дека Стефанова се труди да ја добие наклонетоста на Заев да биде примена на огласот за обвинител за организиран криминал и понатака да унапредува на повисока функција во ова обвинителство. Круна на рочиштето беше моментот кога Стефанова наредниот нејзин сведок го прогласи за непријателски бидејќи пред Судот даде исказ кој во целост ја поби тезата за организиран транспорт на гласачи во Скопје и Тирана по што јавно одмазднички најави дека против сведокот ќе започне кривична постапка.