Сведочеше таткото на убиениот Тот: Постојано сме на гробишта, тешко функционираме

Да беше сега жив, мојот син попладнево ќе играше натпревар за РК Бутел, рече таткото на убиениот хрватски ракометар Денис Тот, Игор Тот.

Тој во својство на сведок присуствуваше и беше испитан на денешното второ по ред судење за убиството на неговиот син, а најави и дека ќе бара отштета.

– Да беше жив сега мојот син, попаднево сигурно ќе играше за РК Бутел или за РК Вардар. Тој ја обожаваше Македонија и особено уживаше во Охрид. Мојата сопруга не работи, а јас работам со намален интензитет. Постојано сме на гробишта. Таму одиме по двапати на ден. Тешко функционираме, а особено тешко му е и на другиот наш син кој игра во Холандија. Очекуваме да се дознае вистината, да видиме што било и како било. Сакаме да дознаеме дали обвинетите се виновни, а ако се виновни, тогаш сакаме соодветно да бидат казнети – рече Игор Тот, пренесе А1.Он.

Од друга страна, одбраната тврди дека правната квалификација на криивчното дело за кое се товарат обвинетите не е одржлива.

– Денеска би сакал само да потенцирам дека нашата одбрана ќе биде насочена во правец на тоа дали сега обвинетиот Анџело е сторител и можел да биде сторител на кривичното дело за кое се обвинува, а секако и дали може да биде одржлива правната квалификација за ова кривично дело. Во тој правец, во поткрепа на нашата одбрана на судот му доставивме и листа на докази врз основа на кои ќе ја докажуваме нашата невиност и ќе го оспориме обвинителниот акт посебно во делот на правната квалификација – изјави бранителот на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски, адвокатот Иле Танев.