Сведоци во случајот „Титаник“: Никогаш не сме уплатиле пари за политичка партија

Судењето за изборни нерегуларности „Титаник“, продолжува на 22 февруари, откако на денешното рочиште беа сослушани повеќе сведоци предложени од обвинителството.

На денешното рочиште беа сослушани повеќе сведоци, кои одговарајќи на прашања од обвинителството рекоа дека не им е познат начинот на финансирање на политичките партии, како и дека никогаш немаат уплатено парични средства во банка како донација за политичка партија.

На денешното рочиште, сведочеше припадник на единицата „Алфа”, кој во 2013 година, од подрачјето на СВР Скопје, на ден пред изборите бил прераспределен во Охрид.

– Старешината не извести, мене и уште девет лица и се упативме за Охрид, како мото-патролна служба. Наша задача како мото-патролна служба беше реонот на албанскиот дел на Охрид и задната капија горе на Кале. Во текот на целиот изборен ден бев во Охрид и се движевме во истиот дел – рече сведокот.

Toj посочи дека, ако имало сомнителни лица и им направиле легитимација, мора да има и составено извештај за тоа.

Нагласи дека се движеле со црвена „шкода октавија”, која имала флешери и тие носеле значки.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

На следното рочиште се повикани повеќе сведоци, меѓу кои и премиерот Зоран Заев.