Сведок во случајот „Рекет“ потврди дека во домот на Камчеви имало две торби со 710.000 евра

172

Мирјана Бошковска, девизен референт и благајник во „Орка холдинг“ во моментот сведочи на судењето за случајот „Рекет“, а пред неа сведочеше Ана Камчева.

Камчева претходно објасни дека на една од средбите што ги имал со Бојан Јовановски во неговата канцеларија во телевизијата 1ТВ ѝ кажал дека на нејзиниот сопруг му се случува тоа што му се случува затоа што ги одбил проектите за изградба на старечки дом и моден центар.

Камчева се потсети дека кога влегла во канцеларијата на Боки 13 таму седело едно „смеѓо момче и работело на компујтер„. Боки и го претставил дека тоа е Лазар, синот на Катица Јанева. Рече дека Лазар било планирано да биде директор на модниот центар што Јовановски планирал да го гради.

Бошковска пред судот појасни како ги вадела парите од приватните сметките на Камчеви.

Во декември 2018 година во три наврата извадив пари од приватните сметки на Ана Камчева и од сметката на Ратка Камчева. Извадив 12 милиони денари, 5 милиони евра и нешто повеќе од 5 милони денари. Откако ги сменив во евра, со обезбедување ги однесов во домот на Камчев, рече благајничката.

Појасни и дека во февруари извадила поголема сума на пари.

-Во еден ден, во два наврати, извадив 18 милиони денари од сметката на Кристина, сестрата на Орце Камчев, и 21 милион денари од сметката на Ратка Камчева. Со обезбедување ги однесов во домот на Камчев и влеговме од задната врата. Влеговме во кабинетот на Камчев, и ги пребројавме парите. Ги средивме, направивме спецификација, и парите ги ставивме во торба. Потоа обезбедувањето ме однесе, рече Бошковска.

Додаде дека 80 отсто од банкнотите биле по 50 евра.

На прашањата на адвокатот Сашко Дуковски истакна дека во домот на Орце Камчев не го видела обвинетиот Бојан Јовановски.

На прашањето на Јовановски, во што точно ги донела парите во домот на Камчев, таа рече: „Беа во две спортски торби, едната поголема, а другата помала.

Тогаш Јовановски праша како е можно пари од две торби да бидат сместени во една торба, сведокот рече дека кога ги носела во менувачница, денарите биле многу, а потоа откако биле сменети во евра, торбите не биле полни. Таа одговори дека во торбите носела вкупна сума од 710.000 евра.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.