Сведокот Ацо Ангеловски го урна обвинението за Чавков

Денешното рочиште за настаните во Собранието од ланскиот 27-ми април во Кривичниот суд Скопје мина во сведочењато на полициските службеници, при што беше впечатлива изјавата на Ацо Ангеловски, тогашно обезбедување на Оливер Спасовски кој истрела куршум од службеното оружје и со натамошното сведочење всушност го поби обвинението за поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков тогашен директор на Бирото за јавна безбедност.

Првот сведок, Ацо Ангеловски, кој тогаш го обезбедувал Оливер Спасовски, актуелниот министер за внатрешни работи, меѓу другото рече дека во Сала 3 од Собранието, за да ја спречи масата да продолжи со, како што кажа, насилствата ги повикал да отстапат и веднаш потоа испукал во воздух еден куршум.

„Не ми требаше наредба од никого, затоа што го спроведував Законот за полиција, според кој не е потребна посебна наредба за реакција на полицијата“, рече Ангеловски.

Додаде дека кратко по пукањето слушнал силна експлозија и влегле припадници на специјалните единици кои ја разбиле масата луѓе, направиле коридор и ги извлекле од Сала 3, по што биле однесени во канцеларијата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.

„Полициските службеници кои беа во Сала 3, а не преземаа мерки, ги познавам и на дел од нив сум бил инструкто. По настаните од кога помина одредено време се видов со некои од нив и разговаравме за непреземањето на мерки. Само рекоа дека е од незнаење и неискуство…“, додаде Ангеловски.

Александра Крстановска, којашто тој ден била на пријавницата во парламентот, сведочеше дека двајца припадници на УБК се легитимирале и кажале дека треба да влезат во мониторинг салата, како што рекле, да ја следат евакуацијата на пратениците од Собранието, и истакна дека комуницирала со старешини од собраниското обезбедување, но никогаш немала никаков однос и контакт со директорот на БЈБ, Митко Чавков.

Останатите двајца сведоци покрај описот на случувањата во Собранието, сведочеа за енергична акција со употреба на шок-бомби на 50-ина припадници на специјалните единици за зашитата, евакуација и воспоставување на состојбата во Собранието на Република Македонија.

Ацо Ангеловски, всушност, при сведочењето се повика на Законот за полиција истакнувајќи дека не е потребна посебна наредба од старешина во такви услови и посебно се повика на член 89 став 5 од Законот за полиција.

Според тоа, се поставува прашањето како може да биде гонет Чавков за командна одговорност, дека не издал наредба, кога полициските службеници дејствувале без наредба и по слободна проценка?

За примена на овластувања согласно Законот за полиција, имено, не е потребна посебна наредба, освен во случај на примена на посебни видови оружје и експлозивни средства за растурање на маса, која наредба ја издава директорот на полицијата.

Во членот 88 од споменатиот закон во врска со употреба на хемиски средства, меѓу другото е наведено и дека „… во случаи на воспоставување на нарушен јавен ред и мир во поголем обем, како и заради извлекување на лица од затворен простор или заради решавање заложничка ситуација, при што не смее да се загрози животот и здравјето на граѓаните“. Во следниот член 89, пак, се наведува дека „Полициски службеник е овластен да употреби огенено оружје кога тоа е апсолутно неопходно и кога со употреба на другите средства за присилба полициските работи не можат да бидат извршени“.