Сведокот „Нинџа“ својата меморија ја прилагодува на потребите и барањата на обвинителството

Адвокатот на неколку од осомничените за случајот 27-ми април, Еленко Миланов, вечерва во „Што не е јасно“ во Алфа телевизија истакна дека сведокот Александар Василевски – Нинџа кој вчера сведочеше во судница за случајот за 27-ми април, својата меморија ја прилагодувал на потребите и барањата на обвинителството.

„Александар Василевски – Нинџа вчера на сведочењето кажа работи коишто никогаш не ги споменал во своите искази претходно, ниту на судењето претходно, сега прошири и измени, внесувал и изнесувал лица, и се сети на некои настани и лица за кои претходно една година не се сеќавал“, вели Миланов.

Адвокатот вели дека од тие причини овој сведок и неговото сведочење не можат да бидат релевантен доказ на којшто може да се заснова една пресуда со доволно факти. Миланов потенцираше дека не може човек кој под претпоставка имал толку податоци и информации да добие најлесна казна ако веќе бил дел од некаква организација за 27-ми април.

„Сметам дека она што го зборува овој сведок, во својот исказ Александар Василевски – Нинџа нема поткрепа, ниту во вербални, ниту во материјалните докази кои воопшто постојат во овој предмет, ако го следевте вчерашниот негов исказ тој зборува за многу повеќе лица за коишто не се превземени постапки, логична претпоставка е дека обвинителството провери каде тие се наоѓале по нивните телефони, па не ги стави во постапка затоа што ако ги ставеше во постапка ќе се дознаеше дека за тие лица апсолутно лаже, а тие докази ќе мора да ги даде на одбраната, со тоа што самата Русковска ќе си го срушеше овој сведок“, посочи адвокат Миланов.

Потенцираше дека вo вторникот Нинџа ништо не кажал што може да се потврди, зашто ако се оди по базните станици на неговото движење, а тие ќе се изведат, ќе се докаже дека не е така како што вели во однос на неговото движење.

„Не можам да објаснам како сето тоа она што го кажа може да го помни или, пак, можеби некој му го дал обвинението да го прочита па да се води по истото“, рече Миланов.

Миланов истакна дека има сомнежи дека можеби се спогодувал со обвинителството и по поднесување на обвинителниот акт иако тоа е недозволиво во кривичната постапка, неговата најблага казна укажувала таков сомнеж.

Смета дека одбраната на сведокот Нинџа во текот на постапката истакнала дека имало постапка за спогодување во која тој барал да биде соработник на правдата и барал поволности во тој предмет, но истото не му било прифатено.

Сето тоа е легитимно вели Миланов, но ако се направело до моментот на поднесување на обвинителен акт каде законот за кривична постапка дозволува, но спогодување по поднесување на обвинителен акт е недозволиво, а казната која што тој ја има за неговата улога во овој случај, укажува на некој сомнеж дека некои спогодувања можеби имало помеѓу обвинителството и Александар Василевски – Нинџа, вели адвокатот Миланов.

Миланов тврди дека овој сведок давал информации дека бил ангажиран од контраразузнавачките служби,но таков доказ не бил понуден ни во првата постапка, ниту бил понуден од страна на неговата одбрана, ниту од страна на обвинителството, таков доказ немаме видено, вели тој, иако сведокот тврдел дека добил од контраразузнавачките служби значка, радиостаница, возило и оружје па дури и вчера во судница давал кодови од претпоставена радиостаница која тврди дека ја поседувал, кодови кои вели Миланов не знаеме дека постојат.