Шведска вечер на Охридско лето: два сопрани Биљана Стафансон и Љиљана Јовановиќ

Во рамки на програмата на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“, утре вечер, 2-ри август, со почеток во 20,30 часот, во катедралната црква Св. Софија, ќе се одржи концерт на шведска кралска музика изведена од дуото сопрани Биљана Стафансон и Љиљана Јовановиќ и македонската пијанистка Марија Вршкова.

Шведската кралска традиција и музичка историја од 19-тиот и почетокот на 20-иот век ќе бидат насликани преку програмата со дела компонирани од членовите на шведската кралска династија Бернадот која е на шведскиот трон од 1818 год. Членовите на кралските фамилии често во историјата и самите биле талентирани музичари, култивирајќи ги своите музички способности како дел од едно сеопфатно образование. Музиката компонирана од принцезата Еугенија на Шведска и Норвешка (1830-1889 год.), кралот Оскар I (1799-1859 год.), кралицата Јозефина на Шведска и Норвешка (1807-1876 год.), како и принцот Густаф, војвода од Упланд (1827-1852 год.) нуди еден времеплов во културата на нивното време.

Близначките Билјана Стафансон и Лилјана Јовановиќ се колоратурни сопрани кои публиката ги памети како „чудо од деца“ од времето кога на само 9-годишна возраст на телевизија го исполниле дуетот од Моцартовата „Волшебна флејта“. Нивните изведби се високо оценети од критиката, особено нивната брилијантна интерпретација, музикалност и извонреден висок регистар, карактеристики типични за вистинските “voci Belliniane” кои со игрива леснотија изведуваат дела за природата и љубовта.

Билјана Стафансон и Лилјана Јовановиќ студиите ги завршуваат на Музичката академија во Белград и на Академијата „Луиџи Керубини“ во Фиренца. Често настапуваат заедно на европските сцени пеејќи на повеќе јазици. Нивниот богат концертен и оперски репертоар содржи дела од Белини, Шопен, Доницети, Моцарт и Верди, како и дела од нордиски и други композитори. Имаат настапувано од Белград и Врашава, до Брисел, Фиренца, Рим и Стокхолм. Настапиле пред шведското кралско семејство – кралот Карл XVI Густав и кралицата Силвија.

Марија Вршкова, како солист, камерен музичар и пијано акомпанист, се вбројува меѓу најсестраните македонски музички уметници. Таа е добитник на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија и неколкупати е единствениот претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти. Вршкова е добитник на наградата за специјално уметничко достигнување на Интернационалниот натпревар „Охридски бисер“ во 2009 год., како и три награди „Виртуози“ за музички изведувач во 2013 год. и две награди за камерен состав во 2015 и 2016 год. Во моментот Марија Вршкова работи како доцент при ФМУ – Скопје.
Контактот на шведската бернадотска кралска традиција со Охрид трае уште од 1978 год., со посетата на кралот на Шведска Карл XVI Густаф, седмиот по ред монрах од Бернадотската династија и кралицата Силвија, како и нивното гостување во домот и работилницата на семејството Филеви каде се запознаваат со традицијата на изработка на охридскиот бисер.