Шведската полиција приведе маж за кој се сомнева дека е терористот

Човекот што вчера беше уапсен во Стокхолм, според портпарол на полицијата во Стокхолм, е најверојатно возачот на камионот кој влета во толпа луѓе и уби 4 лица.  Тој бил уапсен вчера, откако полицијата објави негова снимка од безбедносните камери.

– Се сомневаме дека уапсениот е извршител на терористичкиот напад. Можеби има и други луѓе поврзани со него, но тоа во овој момент не го знаеме – изјави полицискиот портпарол Ларс Бистром.

Обвинителството претходно соопшти дека приведеното лице е под сомнение за „извршено убиство преку терористички чин“.

Едно лице со украден камион за пиво вчера влета во стоковна куќа во центарот на Стокхолм.

Шведските безбедносни структури не го соопштија идентитетот на човекот кој беше снимен од камерите за надзор и чија фотографија беше објавена во јавноста. Шведскиот весник „Афтонбладет“ пишува дека станува збор за 39-годишен Узбекистанец, симпатизер на терористичката милиција Исламска држава.
Доцна синоќа беше објавено и дека има уште еден уапсен во врска со нападот во кој загинаа четиримина, 15 се повредени, од кои 9 тешко. Но полицијата не го потврди тоа.