Свештеници во Неапол се против преименувањето на стадионот по Марадона

Иако цел Неапол побара, а градските власти веќе се во процес да се преименува стадионот „Сан Паоло“ во стадион „Диего Марадона“, после трагичната смрт на аргентинската фудбалска легенда и икона на Наполи, католички свештеници со писмо до надбискупот Крешценцо Сапе побараа да се спречи сето ова.

Групата на свештеници во Неапол побарала од надбискупот да се вклучи активно и да се спротивстави на одлуката за преименување на наполитанскиот фудбалски храм по аргентинскиот фудбалски Бог, без оглед што секој жител на градот воодушевено ја прими веста дека стадионот ќе го носи името на нивниот идол.

„Стадионот ‘Сан Паоло’ треба да се вика по светецот кој го донесе Исус. Со пониснозт чувствуваме ова да Ви го кажеме. Би било добро да се преименува стадионот во ‘Сан Паоло – Марадона’, како што е во Милано – ‘Сан Сиро-Меаца’. Тоа е вистински компромис ако ја спасиме верата и го почестиме шампионот каков што беше Диего“, напишале свештениците.

Писмото го потпишале дон Салваторе Џулијано, дон Луиџи Мерола, дон Кармине Амора, дон Лело Понтичели и дон Армандо Санино.

Градскиот татко на Неапол, Луиџи Де Магистрис пред неколку дена најави дека по итна постапка ќе бидат сменети сите законски одредби со што ќе се усвои предлогот за преименување на стадионот и дека веќе од идната недела фудбалскиот храм во Неапол ќе се вика – Диего Марадона. Според најавите, Наполи на првиот свој домашен меч против Реал Сосиедад идниот четврток во последното коло од Лига Европа би требало да игра на стадионот кој ќе го носи името на аргентинската легенда.