Светот стига до 20 милиони заразени, на Балканот сè повеќе нови случаи

29

Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 19.918.625 лица. Од нив починале 731.717, а оздравеле 12.801.311 луѓе.

– Во последните 24 часа, во Србија се потврдени 236 нови случаи на коронавирус, на основа на 6.251 тестирани примероци, а починаа уште девет лица.
Според новите податоци на Министерството за здравство, бројот на пациенти на респиратори опаѓа, така што денеска има 106.
Во Србија досега се заразени вкупно 28.099 лица, а 641 пациенти починаа.
Од почетокот на епидемијата, тестирани се 747.324 лица.

– На Косово во последните 24 часа се потврдени 188 нови случаи на коронавирус, а починаа 12 лица, соопшти денеска Националниот институт за јавно здравје во Приштина.
Вкупниот број заразени лица се зголеми на 10.247, а починати се 327 лица, пренесува Косово онлајн.
Во моментов има 3.967 активни случаи на коронавирус во Косово.

– Во Бугарија се потврдени уште 134 случаи на Ковид-19, што е за 61 помалку од претходниот ден, соопшти денеска Министерството за здравство. Вкупниот број потврдени случаи на инфекција достигна 13.343, вклучително и 749 медицински работници. Уште три лица починале од коронавирусот, а вкупниот број смртни случаи од почетокот на пандемијата достигна 445.

– Во последните 24 часа, потврдени се 233 нови случаи на инфекција со коронавирусот во Босна и Херцеговина. Според податоците на Федералниот институт за јавно здравје, во Федерацијата на БиХ, од 754 тестирани примероци, 184 се позитивни за Ковид-19. Во ФБиХ, Ковид-19 досега е потврден кај 8.536 лица. Во моментов, активни се 3.624 случаи на коронавирус. Во изминатите 24 часа, три смртни случаи биле пријавени во Институтот за јавно здравје на Федерацијата на БиХ. Вкупниот број смртни случаи во Федерацијата на БиХ од почетокот на пандемијата е 199.

– Во Хрватска во последните 24 часа е регистриран 61 нов случај на коронавирус, од вкупно тестирани 727 лица.
Во моментов има 586 активни случаи на заразени, соопшти денеска Националниот штаб за цивилна заштита.
Меѓу активните случаи, 121 пациент е во болница, од кои осум се на респиратор. Денеска нема починати.
Од 25 февруари, кога е забележан првиот случај на инфекција во Хрватска, досега се заразени 5.604 лица, од кои 157 починале и 4.861 оздравеле.

– Во Словенија, потврдени се два нови случаи на коронавирус од 304 тестирани примероци во изминатиот ден. Во истиот период почина едно лице. Досега се потврдени вкупно 2.249 случаи на коронавирус, а починале 127 лица. Хоспитализирани се 24 лица, од кои тројца се на интензивна нега.

– Во Романија во последните 24 часа се потврдени 1.145 нови случаи на коронавирус, а 41 лице почина, соопшти Кризниот штаб во земјата.
Од почетокот на епидемијата во таа земја, заразени се 61.768 лица, а починале 2.700 луѓе, пренесува Аѓерпрес.
До денеска, тестирани се 1.378.727 лица, од кои 13.353 во последните 24 часа.

– Во последните 24 часа во Австрија повторно е регистриран трицифрен број на новозаразени – 114. Од тој број, 74 се регистрирани во Виена. Во Австрија моментно има 1.389 активни пациенти, од кои 121 се хоспитализирани, а 22 се на интензивна нега. Од почетокот на епидемијата во Австрија 21.978 лица биле тестирани позитивно за вирусот.

– Во Кина се пријавени 23 нови случаи на коронавирус, што е помалку од претходниот ден, кога беа потврдени 31 случај на инфекција.Од новите инфекции, 15 биле пренесени на локално ниво, а осум случаи биле увезени, покажуваат податоците на Националната здравствена комисија. Вкупниот број на заразени во Кина е 84.619, а бројот на смртни случаи од почетокот на пандемијата останал 4.634.

– Најмалку 7.137 нови случаи на коронавирус се регистрирани во Перу во последните 24 часа, со што вкупниот број на потврдени случаи достигна половина милион. Бројот на смртни случаи е 20.844. Перуанскиот претседател Мартин Вискара прогласи вонредна состојба кон средината на март поради епидемијата на коронавирус, која беше продолжена, а потоа беше воведен полициски час.

– Индонезија соопшти за уште 1.893 случаи на Ковид-19, со што вкупниот број заразени се искачи на 125.396. Уште 65 лица починале од вирусот, а од почетокот на пандемијата, вкупниот број на смртни случаи е 5.723.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.