Светот треба да обрне внимание на кризата околу името на Македонијa

Русите знаат колкав е влогот – треба да знаеме и ние, вели копретседавачот на Европскиот совет за надворешни работи и поранешен премиер на Шведска, Карл Билт, во колумна за The Washington Post во којашто се осврнува на спорот за името на Македонија..

Се смета дека Винстон Черчил рекол дека Балканот создал повеќе историја отколку што може да ја консумира. Изреката ја повторува практично секој што имал потреба да го запознае регионот, и со добра причина.

Прашањето што сега е на маса е за наследството на Александар Велики, кој умре во Вавилон пред околу 2.300 години, и за правото да се користи терминот Македонија.

Повеќе од четвртина век, самото постоење на Република Македонија ги разгневуваше Грците, кои тврдат дека името на нивниот сосед било украдено од грчката провинција што граничи со Македонија на југ. Грција (особено нејзиниот северен регион, од каде што е Александар Велики) прави сè што е можно за да ги блокира сите обиди на поранешната југословенска Република Македонија да биде меѓународно признаена под тоа име.

Во април 2008 година Грција ја блокираше кандидатурата на Македонија за членство во НАТО. А постојано ги блокира препораките на Европската комисија за почнување на разговорите за пристап на земјата со Европската унија. Во неделата повеќе од 100.000 луѓе маршираа во Атина, во знак на протест поради употребата на името „Македонија“. Во Солун се одржаа големи демонстрации, а Грчката православна црква е против секаков компромис што го разводнува грчкиот монопол врз македонското име.

Меѓународниот суд на правдата во 2011 година пресуди дека според постојните договори, Грција немала право да ги блокира преговорите за пристапување – но пресудата нема никакво влијание. Како некаков знак на одмазда, претходната влада во Скопје стана предмет на потсмев откако на сè што ѝ беше на видик му даде име по Александар Велики, подигнувајќи статуи на поранешниот крал низ целата земја. Во центарот на Скопје се наоѓа џиновска статуа на самиот Александар. Грците не беа одушевени.

Маневрите во однос на ова прашање понекогаш беа чисто бизарни. По постигнувањето спогодба земјата да влезе во Обединетите нации под ознаката „поранешна југословенска Република Македонија“, сè уште имаше спор околу тоа каде да седат нејзините претставници во Генералното собрание. Вообичаено се користи азбучен ред, но во случајов тоа беше полесно да се каже отколку да се направи. Владата во Скопје одби да седне под „Ф“, додека владата во Атина беше непопустлива во блокирањето на секое седење под „М“. Компромисот беше да седат под „Т“ – „the former republic“.

Се одржаа разговори меѓу македонскиот и грчкиот премиер и почнаа разни активности, консултации и патувања. Но за решение ќе биде потребна брза и силна акција од страна на лидерите на двете земји, бидејќи обајцата ќе мора да го надминат значителното противење од нивните сонародници-националисти.

Но сега постои нова можност за решавање на ова прашање. Новата влада во Скопје напредна во подобрувањето на односите со Бугарија, каде што исто така пречки се долготрајни историски прашања. А откако ЕУ излезе од својот период на хибернација за прашањата на балканското проширување, постои нова итност во справувањето со Македонија.

Ова е само најновото поглавје во приказните на Македонија за историски судири и конфликти. Во подоцнежните фази на Отоманската Империја комплексната етничка и културна мешавина во регионот овозможи еден меѓународен конфликт по друг – особено Првата и Втората балканска војна, кои го отворија патот за Третата балканска војна, која многу брзо стана Прва светска војна.

Во раните 1990-ти, Обединетите нации во Македонија распоредија превентивни мировни сили, со американско воено учество. Пред помалку од две децении земјата речиси се распадна, во она што до одреден степен беше одложено продолжување на војната на Косово неколку години претходно.

Вашингтон, Париз, Берлин, Лондон и други треба да обрнат поголемо внимание и да направат сè што можат за да создадат и да го поддржат практично секој компромис за името. Доколку овие напори не успеат и ако Македонија повторно биде блокирана во НАТО и ЕУ, би можело да дојде до кревање на тензиите во оваа историски нестабилна област. Постојат многубројни алтернативи што треба да бидат прифатливи за сите – „Горна Македонија“ (Upper Macedonia) е само една од многуте – но потребна е јасна волја, силна решителност и посебна политичка храброст да се направи потребниот компромис. Од друга страна, не е многу веројатно дека ќе има помош од Москва. Напротив, најверојатно во Русија има сили што сакаат да ги размрдаат националистичките страсти на Балканот, со цел да го попречат секое понатамошно проширување на ЕУ или НАТО во регионот.

Русите знаат колкав е влогот – треба да знаеме и ние.