Светот во потрага по алтернативни извори на енергија, вниманието кон горивото на иднината – хидрогенот

Во актуелната состојба на енергетска криза, државите се во потрага по алтернативни извори на енергија како за снабдување со електрична енергија, така и како горива за возилата неопходни за одржување на економијата, нејзиниот раст и понатамошен развој.

Заклучоците на надлежните, но и на експертите се дека ни престои исклучително тешка зима во однос на снабдувањето со електрична енергија. Проценките на Регулаторната комисија за енергетика се дека на Македонија ќе и биде потребен увоз на електрична енергија и доколку работат сите домашни производни капацитети.

Во една ваква ситуацијата, обновливите извор на енергија како алтернатива на фосилните горива, кои пак стануваат се помалку достапни, добиваат се повеќе на цена.

Се трага по краткорочни, но и долгорочни решенија за стабилно снабдување со електрична енергија и погонски горива.

Покрај, веќе добро познатите извори на енергија како хидроцентралите, фотоволтаиците, ветерниците и биогасните централи голем број држави, како и приватни компании низ светот спасот од енормните цени на енергенсите го бараат во еколошкото гориво наречено хидроген.

Хидрогенот е горивото кое ги лансира ракетите на НАСА во вселената и обезбедува електрична енергија преку горивни ќелии кои што создаваат само еден нус – производ – вода која што е толку чиста што астронаутите може да ја пијат.

Овде на Земјата, првите возила на хидрогенски погон се појавија на пазарот во 2015 година, ветувајќи почист воздух и поздрава животна околина. Имајќи го ова предвид, се поставува прашањето зошто хидрогенот се уште не е мејнстрим како алтернатива на фосилните горива?

Хидрогенот има можност за разновидна употреба и може да се користи во голем број на индустрии.

Хидрогенот се имплементира и во Македонија – „Грин Машинс“ од Велес пред две години го промовираа првото возило за чистење на хидрогенски погон

Потенцијалот на хидрогенското гориво е препознаен и во Македонија. Па, така велешката фабрика “Брако“ и сопственик и на „Грин Машинс“, светскиот бренд на возила за одржување хигиена во урбани средини, во 2020 година пред светот го презентираше првото возило за чистење на хидрогенски погон GM500H2.

Колку оваа технологија е применлива во нашата земја неодамна на Македонскиот енергетски форум говореше токму техничкиот директор на „Грин Машинс“, Ангел Анѓушев истакнува дека постои потенцијал кај македонските компании да се насочат кон имплементација на академските истражувања во однос на искористување на водородот како енергенс.

Мислам дека македонските компании се повеќе од способни за имплементирање на истражувањата кои се направени во академските истражувања во производи кои имаат високо ниво на софистицираност и кои може да дадат сериозен придонес во енергетската транзиција, истакна Анѓушев на МЕФ 2022.

Анѓушев објаснува дека капацитетите за производство на енергија од обновливи извори би можеле да бидат искористени за производство на хидроген.

Кога од електраните на обновливи извори, преостанатата енергија која не би била употребена, би се искористиле за производство на водород како енергенс со примена за различни електрични потреби, на пример за возила. Производство на возила на водороден погон, во штo Грин Машинс се први во светот претставува сериозен придонес во енергетската транзиција, истакна Анѓушев.

Како што појаснува Анѓушев, ова би помогнало во балансирањето на понудата и побарувачката на енергија од обновливи извори.

Македонија според последните податоци од надлежните институции увезува околу 26% од потребната електричната енергија, а користи 74% од домашно производство. Од вкупно произведените 5164GWh електрична енергија во земјава за 2020 година, само 26% доаѓаат од обновливи извори.

Ова покажува дека Македонија има неискористени обновливи извори кои може ефикасно да се искористат, особено водниот потенцијал.

Се повеќе држави се вратат кон хидрогенот како нов извор на енергија

Познавачите низ светот велат хидрогенот сепак има свои бариери кои вклучуваат ефикасност и трошоци. Но, компании низ светот кои се фокусирани на иновативни решенија работат на нови начини за користење на ова алтернативно гориво, и секојдневно се се’ поблиску до денот кога би имале решение кое ефикасно и економично би можеле да обезбедуваат енергија за електроенергетскиот систем и за транспорт.

Неодамна, британската компанија „Џонсон Мети“ објави дека ќе гради „гига фабрика“ вредна 80 милиони фунти специјализирана за производство на компоненти за хидрогенски горивни ќелии.

Египет пред само неколку дена потпиша Меморандум со кој што иницираше имплементација на зелениот хидроген. Новиот капацитет вреден осум милијарди долари е проектиран да произведува 220 илјади тони зелен хидроген годишно.

Бразилската хемиска компанија „Унигел“ на крајот на јули годинава започна со изградба на капацитет за производство на зелен хидроген на северозападот од Бразил вреден повеќе од 117 млиони евра. Компанијата истакна дека ова ќе биде најголемиот ваков капацитет во светот со почетно производство од 10 илјади тони годишно.

Германската компанија „Унипер“ пак најави дека ќе тестира нова солена пештера за складирање на хидроген, додека Србија и Унгарија потпишаа меморандум заразбирање за да соработуваат околу искористување на хидрогенот како обновлив извор на енергија.