Светска банка: Јавен долг до 65 проценти од БДП, Владата да ги реши тесните грла во јавните трошења

Раст на домашната економија од 4,6 проценти годинава предвидува Светската банка во најновото издание на Економскиот извештај на Светска банка за Европа и Централна Азија. Годинава, според извештајот за земјава, со овој раст БДП во земјава економијата би се вратила на нивото пред пандемијата.

„Основното сценарио е изградено врз основа на претпоставките дека темпото на имунизација ќе продолжи и нема да има дополнителни затворања поради корона вирусот во 2021 година, но и на  довербата на потрошувачите и инвеститорите која треба да остане висока. Поддршка е и растот на надворешната побарувачка, стои во извештајот.

Се очекува растот да продолжи и во 2022 година, бидејќи очекувањата на Светска банка се дека економијата постепено почнува да се стабилизира. Се предвидува сиромаштијата да продолжи со трендот на скромен пад. Според проценките в година БДП треба да порасне со стапка од 3,7, а во 2023 година од 3,4 проценти.

Во извештајот за земјава стои дека буџетскиот дефицит треба постепено да опаѓа, а тоа ќе биде резултат на плановите на Владата за зголемување на капиталните трошоци. На среден рок, јавниот и јавно гарантираниот долг ќе растат достигнувајќи 65 проценти од БДП до 2023 година. Светска банка има низа препораки за намалување на долгот.

„Како што ќе закрепне економијата, властите ќе треба да ја зголемат даночната усогласеност, да ги реструктуираат и реорганизираат трошоците, да ги решат долгорочните тесни грла и да ја подобрат ефикасноста на управувањето со јавните финансии. За да се зголеми потенцијалниот раст, земјата треба да го пренасочи вниманието кон структурни и институционални реформи, кои можат да гозабрзат растот преку решавање на заостанатите проблеми во државните компании и мрежна инфраструктура, инвестирање во човечкиот капитал на населението, зајакнување на отчетноста и независноста на јавните институции, како и посветеност на владеењето на правото и промовирање иновации и конкурентност на приватниот сектор, препорачува Светска банка.

Додаваат и дека Владата треба да се направи напори за зголемување на потенцијалниот производ преку структурни реформи во контекст на напорите ширум регионот за забрзување на транзицијата со ниско ниво на јаглерод и намалување на емисиите на стакленички гасови.