Светска банка ќе обезбеди 30 милијарди долари за храна

Светска банка е подготвена да обезбеди до 30 милијарди долари за борба против глобалниот недостиг на храна, што се влоши со рускиот напад врз Украина, и досега има исплатено речиси 10 милијарди долари финансиска помош ветена на Киев, изјави денеска извршниот директор на банката, Аксел ван Троценбург.

Тој ја нагласи „апсолутната потреба од меѓународна солидарност со Украина, која мора да биде долгорочна“, во интервју за Ројтерс, за време на посетата на Сараево.

Ван Троценбург рече дека Светска банка почнала да дава поддршка за Украина веднаш по рускиот напад на 24 февруари и досега има исплатено близу 10 милијарди долари од 13 милијарди долари помош што му ја додели на Киев.

Тој наведе дека банката ги поддржува и Украинците погодени од војната дома и во странство, како и во соседните земји, како и оние земји во развој надвор од Европа, кои страдаат поради прекинот на украинскиот извоз на жито.

„Тоа е една од причините зошто Светска банка е подготвена да обезбеди до 30 милијарди долари за решавање на проблемот со храната во следните 12 месеци“, изјави Ван Троценбург, пренесе Танјуг.

Во извештајот објавен во петокот на Светска банка, Европската комисија и владата во Киев, се наведува дека рускиот напад предизвикал преку 97 милијарди долари директна штета до 1 јуни, а обновата на Украина би можела да чини речиси 350 милијарди долари, пренесува Ројтерс.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.