Светска банка: Македонија со најголема смртност во регионот, фискалните резерви се потрошени

Есенскиот извештај на Светска банка оцртува драматична слика за Македонија, за која се наведува дека има без конкуренција највисока стапка на смртност од Ковид-19 во регионот и дека е соочена со сериозен економски удар.

Во извештајот пишува дека со 302.9 смртни случаи на милион жители, Македонија има далеку највисока стапка на смртност од сите балкански земји. За споредба, земји од регионот како Грција (28.1), Турција (81.1), Србија (107) и Албанија (111.9) имаат неспоредливо пониски стапки на смртност. Единствено Босна и Херцеговина и  Косово се споредливи со Македонија, со 205.7 и 297 смртни случаи на милион жители.

Пандемијата силно ја погоди Македонија. Карантинот, пореметувањето на економските линии за снабдување и долготрајната лоша епидемиолошка состојба ги нарушија и онака лошите изгледи на земјата. Мерките на Владата донекаде ги ублажија ударот врз работниците и компаниите, но фискалниот простор за реакција се намали откако долгот се доближи до 60 проценти од БДП, пишува во извештајот на Светската Банка.

Економскиот пад во 2020 година се очекува да достигне дури 4.1 процент од бруто домашниот производ, што е средно лош резултат во споредба со регионот. Земји како Бугарија и Хрватска ќе имаат поголем пад од Македонија, од минус 5.1 и 8.1 проценти, но падот ќе биде помал во Србија (-3 проценти) и Босна (-3.2 проценти). Индустриското производство во Македонија паднало за 16.1 проценти во споредба со 2019 година, а потонале и туристичката и градежната индустрија. Извозот се намалил дури за една третина, додека граѓаните се фокусирале на потрошувачка на основните средства, храна и компјутерска опрема неопходна за комуникација под карантин.

Во извештајот е наведено дека јавниот долг на владата ќе порасне на 59.1 проценти од бруто домашниот производ во 2020 година, а ќе порасне на 59.8 проценти во 2021 година. Долгот изнесуваше само 48.8 проценти од БДП во 2019 година, што е еден од најдраматичните скокови на задолженоста во регионот.

Извештајот наведува дека 17 проценти од Македонците живеат во сиромаштија, со само 5.5 долари на ден, и покрај тоа што состојбата со сиромаштијата почнала да се подобрува од 2009 година.

Голем дел од населението кое не е сиромашно е во ризик да падне во категоријата „сиромашни“ под ударот на кризата со Ковид-19. Слабото ниво на образованост и на вештини потребни за работното место го поткопуваат квалитетот на човечките ресурси, кој заедно со стапката на продуктивност се на најниско ниво во Западниот Балкан. Само 50 проценти од работоспособните Македонци се вработени, а ниската стапка на прираст и високата емиграција ја намалуваат работната сила. Земјата назадува зад соседните држави во поглед на политичката стабилност, отчетноста, владеењето на правото и справувањето со корупцијата. Економскиот модел подразбира широкограда јавна поддршка за економскиот раст, со сериозни даночни олеснувања, и поради тоа е неодржлив. Кризата со Ковид-19 ги потроши фискалните резерви, а еколошките проблеми како што е загадувањето на воздухот ја загрозуваат добросостојбата на населението, пишува во извештајот.

Единствена светла точка во извештајот е што се очекува во 2021 година повторно да се забележи економски раст од 3.6 проценти, но во извештајот се остава простор за промена на овие проценки имајќи ја предвид непредливата состојба со епидемијата. Се очекува стапката на невработеност да продолжи да расте, додека услужниот сектор е погоден од забраната за патување.