Светска банка предвидува годинава раст на македонската економија од 4,6 отсто, а во следната година  3,7 отсто

Светска банка предвидува дека македонската економија годинава ќе забележи раст од 4,6 отсто, во следната година  3,7 отсто, а во 2023 година 3,4 отсто.

Инфлацијата, како што беше речено на денешната презентација на полугодишниот извештај на Светска банка за земјите од Западен Балкан, годинава ќе инесува 2,4 отсто. Се очекува, инфлацијата следната година да се намали.

Од земјите во регионот, најголем раст на БДП оваа година се предвидува за Црна Гора, од 10,8 отсто, потоа Албанија 7,2 отсто, Косово 7,1 отсто, Србија 6 отсто, и Босна и Херцеговина 4 отсто.

Просекот за земјите од Западен Балкан годинава е раст од 5,9 отсто, во 2022 година се предвидува пораст на БДП од 4,1 отсто и во 2023 година 3,8 отсто.

Директорот на СБ за Северна Македонија, Масимилијано Паолучи рече дека  извештајот го потврдува трендот на силно закрепнување на економиите од земјите од Западен Балкан, што се должи меѓу другото на отворањето на економиите, како и на процесот на вакцинирање.

Тој рече дека економиите на сите земји во Западен Балкан, освен на Црна Гора, ќе се вратат на ниво пред пандемијата до крајот на оваа година.