Здружението за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца Лулка од Скопје, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и компанијата Хипомед, оваа година ja одбележуваат Светската недела на доење од 1-ви до 7 август, со едукација на сите медицински сестри и акушерки за доење, со јавна кампања за промоција на значењето на доењето и со донација на Bempu Tempwatch алки за хипотермија за предвреме родените бебиња.
-Под слоганот „Заложи се за доењето“, годинава, Светската недела на доењето е насочена кон развој и зголемување на капацитетите на здравствениот систем и на општеството за поддршка на доењето. Организацијата Лулка ќе организира онлајн обука со стручни предавачи наменета за акушерки, медицински сестри, гинеколози/акушери, педијатри и доктори по семејна доење, за значењето на современата поддршка на доење во духот на Светската недела на доењето 2022. Потоа, ќе дистрибуира флаери за информирање на секоја породена мајка за значењето на доењето, со кратки основни упатства за доење и контакти каде може да добијат соодветни информации и поддршка по доаѓањето дома, се вели во денешното соопштение од Лулка.
Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р. Викторија Јовановска информира дека во рамки на одбележување на Светската недела на доењето, во соработка со организацијата Лулка, ќе спроведат едукација на кадарот за значењето на доењето во современ контекст, вклучително и за потенцијалните можности и мерки за заштита поврзани со КОВИД-19. -Овие активности се во согласност со препораките на УНИЦЕФ и СЗО и во духот на неделата на доење. И ние како Клиника се заложуваме за доењето и посакуваме квалитетен развој на сите бебиња кои се раѓаат на Клиниката, вели Јовановска.
-Доењето во првите неколку години од животот ги штити децата од инфекција, обезбедува идеален извор на хранливи материи, исто така е економично и безбедно. И покрај овие исклучително значајни придобивки, практиките за доење не се оптимални во многу делови на светот. Голем број од децата не започнуваат со доење доволно рано, не се ексклузивно доени во текот на препорачаните шест месеци или прерано престанува доењето. Мајките често се соочуваат со притисоци да преминат на хранење со формула за бебиња, што може да придонесе кон побавен раст и недоволно внесување на микро-прехранбени состојки. УНИЦЕФ и СЗО препорачуваат новороденчињата да бидат задоени во рок од еден час по раѓањето; исклучиво подојувани во првите шест месеци од животот и да се подојуваат до возраст од 2 години и понатаму, нагласуваат од здружението Лулка.