Светска премиера на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски во Рим

Светската премиера на филмот „Врба” на Милчо Манчевски ќе биде утревечер на Филмскиот фестивал во Рим, Италија, во рамките на третата фестивалска вечер.

Годинава, во официјалната програма на еден од најголемите фестивали во светот селектирани се 33 филмови, меѓу кои и „Врба”. Најавувајќи ја програмата, уметничкиот директор на фестивалот Антонио Монда го опиша филмот на Манчевски со зборот „прекрасен”.

‘„Врба” го означува враќањето во форма на Милчо Манчевски, на кого се сеќаваме по „Пред дождот” кој ја освои Венеција. Ова е уште еден прекрасен филм”, рече Монда.

Тој додаде дека годинашното 14. издание на фестивалот е во знакот на жената: елегантен и стамен, поими кои реферираат и на „Врба”, кој говори за мајчинство, љубов и доверба.

За „Врба”, првиот фестивалски ден во Рим почнува утре со утринската проекција за новинарите, следи прес-конференција со режисерот Манчевски и македонските актерки, Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски, а вечерта е гала премиерата со прошетка по црвениот килим.

На светската премиера ќе присуствува и Министерот за култура на Р.С. Македонија, Хусни Исмаили.

„Врба” е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во останатите улоги се Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други. Музиката ја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм” и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.