Светската банка одобри над 720 милиони долари помош за Украина

Светската банка одобри околу 720 милиони долари заеми и помош за поддршка на украинската Влада во исполнување на основните потреби на нејзините граѓани погодени од војна.

Извршниот одбор на Светска банка вчера одобри дополнителен пакет за поддршка кој вклучува дополнителен заем од 350 милиони американски долари и гаранции од 139 милиони долари. Банката, исто така, започна мобилизација на грант од 134 милиони американски долари и паралелно финансирање од 100 милиони долари. Вкупно станува збор за 723 милиони долари.

– Групацијата на Светска банка презема брзи активности за поддршка на Украина и нејзиниот народ кој се соочува со насилство и екстремни услови предизвикани од руската инвазија, изјави претседателот на оваа финансиска институција Дејвид Малпас.

Тој истакна дека „ова е прв од многуте чекори што ќе ги преземеме за да помогнеме во решавање на далекусежните последици што оваа криза ќе ги има за украинскиот народ и економијата“.

Светската банка во наредните месеци ќе подготви пакет за поддршка на Украина во вредност од три милијарди долари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.