6.8 C
Skopje
сабота, април 20, 2024

Светската економија излегува од најдлабоката криза, смета ММФ

Глобалната економија изгледа „помалку страшно“ отколку во јуни, а Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) малку ќе ја смени проценката за падот годинава, изјави деенска директорката на ММФ, Кристалина Георгиева.

„Мојата главна порака е дека глобалната економија излегува од најдлабоката криза“, рече Георгиева.

“Катастрофата што нè снајде не е завршена, ниту далеку. Сите земји сега се соочуваат со она што јас би го нарекла долго искачување, макотрпно искачување кое ќе биде долго, нерамномерно и неизвесно. И обележано со повремени назадувања”, додаде шефицата на ММФ.

Меѓународниот фонд во јуни предвиде дека глобалниот бруто домашен производ (БДП) ќе падне за 4,9 проценти оваа година поради мерките за ограничување со коронавирусот, најмногу од 1930-тите, повикувајќи ги владите и централните банки да помогнат со дополнителни стимулативни мерки.

Новата прогноза ќе биде објавена следната недела, на редовниот есенски годишен собир, овој пат онлајн.

ММФ продолжува да очекува „делумно и нерамномерно“ закрепнување и следната година, забележа Георгиева.

Благодарение на мерките за фискална поддршка во вкупен износ од 1.200 милијарди американски долари и невиденото монетарно олеснување, многу развиени економии, вклучително и САД и еврозоната, успеаја да ја избегнат најголемата штета и почнаа да се опоравуваат, рече Георгиева.

Кина исто така се опорави побрзо отколку што се очекуваше, додаде таа.

Пазарите во развој и земјите со ниски примања се во особено тешка состојба, со оглед на слабите здравствени системи, високиот надворешен долг и зависноста од најранливите сектори во пандемијата, како што се туризмот и експлоатацијата на суровини, нагласи шефот на ММФ.

„Во земјите со ниски примања, шоковите се толку длабоки што се соочуваме со ризик од „изгубени генерации “, рече Георгиева, навестувајќи дека ММФ и Светска банка ќе предложат позначајно олеснување за отплата на долгот за таа група земји следната недела, забележува Ројтерс.

„Во некои случаи, глобалната координација во преструктуирање на државниот долг ќе биде неопходна, со целосно учество на јавниот и приватниот сектор“, предупреди шефицата на ММФ.