Светскиот ден на безбедност и здравје при работа во знакот на корона вирусот

Светскиот ден на безбедноста и здравјето при работа годинава се одбележува во услови на глобална здравствена криза предизвикана од пандемијата со корона вирусот. Заштитата на здравјето на работниците и на населението во целост, во овој период е врвен и главен приоритет.

Оттука, годинашното одбележување на Светскиот ден на БЗР е посветено на ширењето на заразни болести на работното место и се одвива под мотото „Да ја запреме пандемијата: Безбедноста и здравјето при работа можат да спасат животи“.

– Сега, повеќе од кога било, е исклучително важно да ги имаме предвид значењето и улогата на преземањето и почитувањето на мерките за безбедност и здравје при работа и постојано да ја подигнуваме на што повисоко ниво свеста за неопходноста од соодветни превентивни мерки, процедури и практики насочени кон поголема безбедност на работните места и заштита на здравјето на работниците, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Потсетуваат дека целокупното население на различни начини е погодено од здравствената криза и од неопходните мерки што се преземаат за спречување на ширењето на заразата, но оти сепак има категории на вработени кои се повеќе изложени на ризик како што се оние во здравството, маркетите, полицијата, инспекторите и во институциите со зголемена концентрација на луѓе.

– Мерките за контрола на ризиците е неопходно да се прилагодат на потребите на овие работници и на овие специфични работни места. Особено е важно сите работодавачи да ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на здравјето на вработените на работните места и превенција од пренесување на заразата, особено во услови кога се очекува постепено да се релаксираат мерките и забраните донесени од Владата и надлежните органи за заштита и превенција од коронавирусот и повторното отпочнување на деловните активности и процеси. Исклучително е важно менаџирањето со ризиците да се прави на начин без да се загрозува постигнатиот напредок во ограничувањето на заразата и ширењето на вирусот, препорачуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Повеќе информации може да се пронајдат на веб-страната на МОТ https://www.ilo.org/global/topics/safety-and-health-at-work/events-training/events-meetings/world-day-safety-health-at-work/WCMS_739669/lang–en/index.htm. посветена на Светскиот ден на безбедност и здравје при работа.