Свобода: Тројката да изрази поголема социјална чувствителност за Грција

Претседателот на групата на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, Ханес Свобода, изјави по посетата на Грција, дека земјата оди по правилен пат во однос на реформите, вклучувајќи огромни напори и радикални промени, пренесуваат локалните медиуми.

Сумирајќи ги резултатите од посетата на Атина, Свобода го истакна намалувањето на големината на грчкиот државен сектор и неговата бирократија, како и поголемите овластувања на регионалните и локалните власти, што придонесоа за подобрување на економската состојба и за отворање на патот кон растот на економијата.

Австрискиот европратеник истакна дека проблемите се’ уште не се решени и изјавил дека е неприфатливо Тројката меѓународни кредитори да продолжат да бараат кратење на трошоците, што не им помага на реформите и ризикува да ја поткопа нивната поддршка меѓу Грците.

Свобода посочи дека со своето инсистирање за отстранување на сегашните ограничувања на тендерите за распродажба на имотот на даночните должници, Тројката кредитори ја уништува довербата на Грците во способноста на Владата при спроведување на реформите.

Социјалдемократот повторно повика за постепено повлекување на Тројката, што според него би требало да манифестира поголема социјална чувствителност.

„Најранливите категории не треба да страдаат како резултат на кризата и мерките за штедење“, истакнал Ханес Свобода.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.