СВП: Освен македонски и англиски јазик на главните фестивалски читања ќе се користат и албански и француски

Подготовките за 58. издание на Струшките вечери на поезијата (СВП) се во завршна фаза, соопштуваат организаторите.

Покрај добитничката на Златниот венец, познатата романска поетеса Ана Бландијана, како и добитничката на наградата „Мостови на Струга“, младата хрватска поетеса Моника Херцег, своето присуство го потврдија над 30 поканети странски поети од различни земји кои ќе бидат претставени на Фестивалот, од кои ги издвојуваме Рафаел Солер од Шпанија, истакнат шпански поет и раскажувач, Сачиданандан од Индија, еден од позначајните поети од Индија кој пишува и на малајаламски јазик, Миа Лекомт од Италија, поетеса којашто има и француско потекло, Иштван Кемењ од Унгарија,еден од најистакнатите современи унгарски поети, Јоргос Јанопулос од Грција, поет кој е веќе делумно претставен пред македонската публика.

На Фестивалот ќе бидат претставени и најреномираните поети од Република Северна Македонија од различни генерации, како и поетите што ќе влезат во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“.

Во рамки на изданијата на Струшките вечери, освен луксузната монографија за добитничката на Златниот венец, во завршна подготовка се книгата на добитничката на наградата „Мостови на Струга“, книгата на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ во превод на англиски јазик, четирите буклети на поетите во рамки на платформата Версополис, но исто така, во завршни подготовки е и тематската антологија во која ќе бидат претставени најреномираните македонски поети.

Во рамки на Програмата на фестивалот, освен традиционално востановените програмски содржини кои што се препознатливо обележје на фестивалот, предвидени се и нови програмски содржини што ќе придонесат за поголема отвореност и видливост на Фестивалот.

За да се зголеми видливоста и отвореноста на фестивалот, освен директниот пренос на главните фестивалски читања што ќе го врши националната телевизија, ќе биде обезбеден и ливе стреаминг на официјален Ѕоутубе канал со што ќе се овозможи следење на содржините на фестивалот ширум светот.

Струшките вечери на поезијата има намера да ја подигне јазичната комуникација на фестивалот како дел од заложбите за унапредување на квалитетот на манифестацијата, нејзиниот меѓународен углед и значење, но и да го унапреди односот кон својата публика и граѓаните.

Во таа насока дел од содржините, а особено главните фестивалски читања и комуникацијата со јавноста ќе вклучува повеќе јазици. Освен досегашните македонски и англиски, ќе користиме и албански и француски јазик.

Во перспектива, од преведувачката работилница во рамки на следните изданија на Струшките вечери на поезијата ќе ни доаѓаат преводи и на шпански, германски, руски, кинески и другите светски јазици. На Струшките вечери на поезијата како светска манифестација и како место на славење на јазикот во неговиот најкреативен облик им прилега повеќејазичноста.

Република Северна Македонија е полноправна членка на Меѓународната организација на франкофонијата и токму затоа имаме намера на Струшките вечери на поезијата да го негуваме и францускиот јазик.

Истовремено користењето на македонскиот и на албанскиот јазик е во корелација со владините јазични политики, со законот за јазици и во духот на новата стратегија за едно општество и интеркултурализам.

Струшките вечери на поезијата се светски, но и струшки! Тие се фестивал со кој стружани со право се гордеат и го поддржуваат. Токму затоа, подигањето на нивото на јазична комуникација е со првенствена цел да ја врати посетеноста на читањата на отворено, кои отсекогаш биле обележје на фестивалот.

Поезијата и јазиците се цивилизациски средства за поврзување и за комуникација меѓу граѓаните и народите и придонесуваат кон мозаикот од различности кој го негуваме во нашата земја, стои во соопштението од Дирекцијата на Фестивалот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.