СЗО ја стави вакцината Спутник V „на чекање“

Светската здравствена организација (СЗО) го суспендирала процесот за одобрување на руската вакцина против коронавирус Спутник V, откако биле откриени голем број прекршоци во производството за време на инспекцијата во Русија претходно оваа година, соопшти претставник на СЗО.

Претставникот на канцеларијата на СЗО за Америка, Џарбас Барбоса, во изјава на 15 септември сугерираше дека ќе бидат потребни нови инспекции во една од фабриките каде што се произведува вакцината, пред вакцината да добие одобрение за итна употреба.

– Фабриката треба да го послуша советот, да ги направи потребните промени и да биде подготвена за нови инспекции. СЗО чека производителот да испрати вести дека се подготвени – рече Барбоса.

Во извештајот објавен во јуни, СЗО објави дека открила повеќекратни прекршувања во фабрика во сопственост на руската фармацевтска компанија Фармастандард во градот Уфа, вклучително и во врска со „спроведувањето на соодветни мерки за ублажување на ризиците од прекумерна контаминација“.

Подоцна фабриката рече дека ги решила овие проблеми.

Русија поднесе апликации за одобрување на вакцината и до СЗО и од Европската агенција за лекови (ЕМА) во февруари, откако резултатите од рецензијата објавени во медицинскиот весник „Лансет“ покажаа дека вакцината е безбеден и 91,6 проценти ефикасна против ковид-19.

И покрај тоа што нема одобрение од СЗО и од ЕМА, руската вакцина Спутник V се користи во голем број земји низ целиот свет.