СЗО бара евакуација и лекување на 600 пациенти во Газа

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) побара во петокот пристап до пациентите во палестинската енклава Појасот Газа и можност за нивна евакуација за натамошно лекување, во моменти кога здравствените работници се соочуваат со тешкотии во згрижување на болните и ранетите по 11-дневните израелски бомбардирања .

Портпаролката на СЗО, Фадела Чаиб, на прес-конференција во Женева изјави дека околу 600 пациенти, вклучувајќи и некои со хронични болести, треба да бидат упатени надвор од палестинската енклава откако почнаа непријателствата на почетокот на овој месец, но дека тоа не беше можно поради затворање на премините, пренесуваат британските медиуми.

„Многу е важно да им помогнеме на Палестинците да добијат потребна грижа, посебно помагајќи им да се лекуваат надвор од појасот Газа“, рече Чаиб.

Други хуманитарни агенции се жалеа на ограничена хуманитарна помош и испораката на лекови.

Во израелските воздушни напади на почетокот на мај беа оштетени десетици здравствени центри, поради што СЗО предупреди на ризик од можно преоптоварување во овие установи.

„Капацитетот на здравствениот систем да одговори е целосно уништен“, претходно седмицава изјави Хелен Отенс-Патерсон од мисијата на Лекари без граници во Газа.