СЗО бара од УЕФА да нема меѓународни мечеви до 2021 година

Светската здравствена организација (СЗО) побарала пред пет дена од Европската фудбалска унија (УЕФА) да нема меѓународни мечеви до 2021 година, посочувајќи дека такво откажување би било идеално во борбата со големата пандемија од коронавирус, од која 2,5 милиони луѓе се заразија, а над 170.000 го загубија животот од Ковид-19, од кои над 100.000 до 19 април само во Европа.

Според информации на дел од светски медиуми, СЗО на 16 април имале приватна видео-конференција со УЕФА, која траела повеќе од два ипол часа и светската здравствена организација била сериозна во намерите да ја убеди УЕФА да се откажат сите меѓународни мечеви, што значи сите дуели во ЛШ, Лига Европа, како и репрезентативните мечеви. А, сето ова би значело уште едно откажување и на Евро 2020, кое веќе е презакажано за летото идната година (11 јуни до 11 јули).

Барањето на СЗО дошло после презентација која ја направиле двајца светски епидемиолози, базирана на студија во која се очекува втор бран на ширење на вирусот во зимскиот период и на почетокот на идната година, па поради тоа дале препорака, која секако УЕФА не е обврзана да ја прифати, ниту главната здравствена организација во рамките на Обединетите нации може да ѝ нареди на европската централа да направи такво нешто.

УЕФА веќе преку својот претседател Александер Чеферин објави дека фудбал ќе се игра и подобро да се игра без гледачи, отколку да не се игра, па в четврток по видео-конференција на Извршниот комитет најверојатно ќе се објават низа одлуки околу продолжувањето на сезоната. УЕФА форсира со продолжување на сезоната зашто сериозни пари во милијарди евра, би била загубата и штетата на фудбалската индустрија, што би довело сериозни проблеми во фудбалот и практично одредени клубови би можеле и да прогласат банкрот, ако неиграњето фудбал се одолговлечи така долго – за уште година ипол.

Најголемите стравувања се што во случај ако фудбалот продолжи, а се појават заразени играчи и како да се реагира на тоа. Инаку информацијата на СЗО за препораките кон УЕФА доаѓаат само три недели, откако претходно од Чиле дојде информација дека здравствената организација веќе дала препорака до ФИФА да не се започнуваат мечевите пред да биде најдена вакцина и истата таа да биде во широка употреба на светската популација.

Токму вакцината е услов за да се одржат и презакажаните ЛОИ во Токио, кои сега треба да се одржат идното лето, па од Јапонија веќе најавија дека се сомневаат за одржување на игрите, ако до тогаш не се појави вакцината за Ковид-19.