СЗО: Државите да ги почитуваат човековите права кога воведуваат заклучување

СЗО ги повика државите да ги почитуваат човековите права кога воведуваат заклучување.

-Државите сами одредуваат мерки за справување со пандемијата на коронавирус, но треба да го земат предвид нивното влијание врз човековите права, изјави денеска портпаролката на СЗО, Фадела Шаиб.

Нејзиниот коментар беше по повод „локдаунот“ од 15 ноември за невакцинираните против Ковид-19 во Австрија, како и одлуката на властите да воведат задолжителна вакцинација против коронавирус во февруари следната година.

-Државите треба да имаат пристап во согласност со проценката на ризикот за да го запрат преносот на инфекцијата, рече Шаиб.

Таа истакна дека тоа треба да се случи „врз основа на проценка на сопствената национална епидемиска ситуација“.

Според неа, вакцинацијата против коронавирусот не треба да биде задолжителна, а напомена дека „прашањата за имунизација во земјата треба да ги решава секоја држава“.

Шаиб, исто така, ја појасни позицијата на СЗО за блокадата.

-Примената на таканареченото селективно блокирање на одредена група, а не на сите други групи, има одредени етички последици, како и последици за човековите права. Навистина, се зависи од реалната епидемиолошка ситуација во секоја земја, но мора да се има предвид дека селективните блокади ќе имаат одредено влијание врз етичката страна и човековите права, рече портпаролката.

Во врска со тоа СЗО препорачува државите „да продолжат да вложуваат максимални напори за да обезбедат вакцини кои се достапни за сите групи, како што е наведено во националната програма“.

-Исклучително е важно луѓето да имаат пристап до вакцини, вакцинацијата да биде објаснета и охрабрувана, заклучи Шаиб. (МИА)

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.