СЗО ќе носи одлука за меѓународна вонредна состојба поради новиот коронавирус

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) објави дека во четвртокот ќе ја донесе одлуката за прогласување меѓународна вонредна состојба поради новиот тип коронавирус откриен во Кина.

Доколку СЗО денеска прогласи појава на овој вирус со закана од меѓународни размери, тоа ќе биде дури шести пат во последната деценија оваа организација да прогласува меѓународна вонредна состојба.

Симптомите на инфекцијата со новиот тип коронавирус се зголемена температура, кашлање со тешкотии при дишењето и воспаление на белите дробови. Кинеските здравствени власти соопштија во средата дека од оваа инфекција починале 17 лица а уште околу 570 се заразени.

Кон крајот на декември кинеските власти соопштија за појава на пневмонија од непознато потекло во градот Вухан. Првите случаи беа поврзувани со локалниот пазар за морска храна. Експертите набрзо утврдија дека причинител на заболувањето е новиот тип коронавирус, означен како 2019-nCoV. Кинеските здравствени власти официјално потврдија дека вирусот се пренесува од човек на човек.

„Одлуката ја земаме многу сериозно“, изјави челникот на СЗО, Тедрос Аданом Гебреjесус по средбата на експертите во организацијата во средата во Женева. Додаде дека одлуката е подготвен да ја донесе дури по соодветеното разгледување и количество од информации.

Новиот сој коронавирус се појави во градот Вухан во централната кинеска провинција Хубеи, во декември а случаи на зараза со овој ворус веќе се регистрирани во Јапонија, Филипини, Јужна Кореја, Тајван, Тајланд, Хонгконг, Макао и во САД.

Градските власти во Вухан објавија дека од четвртокот ја затвораат мрежата за јавен сообраќај, автобусите и метрото, како и дека „поаѓањата од железничките станици и аеродромите се запираат од 10 часот во четвртокот (3 часот по македонско време) поради растечката епидемија на коронавирусот“.

Минатата седмица САД започнаа со прегледување на патниците од Кина на три аеродрома. Руските здравствени власти во средата ноќта објавија дека на аеродромот „Пулково“ биле хоспитализирани патници со сомнителни симптоми, но оти по претрагите не било дијагностицирано присуство на коронавирусот. Исто така, претходно во Санкт Петербург патници кои допатувале од Кина, кинески и руски државјани, самите се пријавиле поради висока температура и кашлица и тие се хоспитализирани, а нивната состојба се оценува како стабилна.

Властите во Тајван, Филипини, Тајланд, Хонгконг и Јужна Кореја, соопштија дека ќе воспостават карантин или ќе барат симптоми кај патниците од Кина. Велика Британија објави дека ќе го зголеми надозрот на патниците кои доаѓаат со директни летови од покраината Хубеи, и оти доколку е потребно таа мерка ќе ја прошират  и на летовите од другите кинески градови.

Во регионот Србија презема најконкретни мерки, и во средата објави дека сите патници кои доаѓаат на белградскиот аеродром ќе ги прегледува со термална камера, како и дека е подготвена да го стави во карантин секој за кого лекарите ќе се посомневаат дека е заразен со коронавирусот. Во Србија живеат илјадници кинески државјани, а минатата 2019 година оваа земја ја посетиле повеќе од 100.000 кинески туристи.