СЗО ќе обезбеди техничка помош за Македонија во борбата против хепатитот

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) е во процес на проценка на состојбите со хепатитот во Македонија. Со тоа ќе се прецизира каква поддршка и е потребна на Македонија во борбата против хепатитот, со цел СЗО да овозможи соодветна техничка помош во следните две години.

Ова беше посочено во петокот на презентацијата на најновиот европски извештај на “ХЕП Кор” во Брисел, кој го подготвуваат Европската асоцијација на пациенти со болести на црниот дроб ЕЛПА и повеќе организации од Европа и Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, кои работат на елиминација на хепатитот во Европа.

„Македонија покажа сериозност и политичка посветеност со тоа што веќе се планира развивање на национална стратегија за борба против хепатитот. Таа национална стратегија ќе биде усогласена со глобалната стратегија. Светската здравствена организација има канцеларија во Македонија и ние можеме да обезбедиме техничка поддршка. Сега сме во процес на планирање за следните две години, така што со Министерството за здравство на Република Македонија ќе биде договорено каков вид на помош е потребна“, изјави Антош Мазалевскис, од регионалната канцеларија на Светска здравствена организација за Европа.

На средбата во Брисел состојбите со хепатитот во Македонија ги презентираше Милан Мишковиќ од „Хепар центарот” – Македонија. Тој посочи дека официјално со хепатит се бори околу 1 отсто од населението, но смета дека таа бројка е поголема бидејќи недостига редовен скрининг.

„Ако се зголеми скринингот на општата популација и ризичните групи можеме да откриеме точно со каква преваленца и инциденца моментално се соочуваме. Тоа е уште еден голем предизвик. Македонија е дел од европската агендата во процесот на елиминација на хепатитот. Институционална волја постои и сега е потребно пациентите да ја добијат најсовремената терапија и превентива. Со скрининг кампањи и современа терапија значајно ќе се намалат и хепатоцелуларниот карцином и карциномите на црниот дроб, а со тоа ќе се спасат многу човечки животи. Во следните две години ја имаме подршката од СЗО и други европски институции. Македонија мора да го искористи тоа за да не остане последната земја која ќе го решава овој проблем. Најголемиот бенифит е праќањето на еден толку опасен вирус во историјата, за да не стравуваме ние и нашите поколенија дека можеме да добиеме нешто што може да не чини живот“, рече Милан Мишковиќ, претседател на „Хепар Центар” – Македонија.

Хепатитот се нарекува уште и „тивок убиец“, бидејќи симптомите се јавуваат дури во доцната фаза на болеста.

„Мнозинството луѓе кои имаат хепатитис Ц, што е случај и со Македонија, не го знаат тоа. Тоа е главниот проблем. Затоа е многу важно да се вршат скрининзи со кои ќе се откријат болните”, изјави Џеф Лазарус, професор на Универзитетот на Барцелона.

Се проценува дека со хроничен хепатитис Б или хепатитис Ц се инфицирани околу 325 милиони луѓе во светот.