СЗО: Коронавирусот нема да го победиме до крајот на годината

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) оцени во понеделникот дека е нереално мислењето дека човештвото ќе се ослободи од коронавирусот до крајот на годината.

Мајкл Рајан, директор во СЗО за вонредни операции, оцени дека до крајот на оваа година, сепак, ќе биде намален бројот на хоспитализирањата и на смртните исходи од Covid-19.

Меѓутоа, сите показатели од светот укажуваат дека пандемијата и натаму пустоши од минатата седмица, по седумте последователни седмици пад, и повторно расте бројот на заразените.

„Би било прерано и, мислам, нереално да се тврди дека вирусот ќе го победиме до крајот на годината. Но доколку бидеме разумни ќе го намалиме бројот на хоспитализирањата, починатите и трагедиите кои ја следат пандемијата“, изјави Рајан на брифингот со новинарите во Женева.

Според него, СЗО се насочила на задачата да го задржи пренесувањето на вирусот на ниско ниво, да помогне во превенцијата на појавувањето на новите соеви и да се намали бројот на заразените.

Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус, сака вакцинирањето на медицинскиот персонал во сите земји во светот да започне во првите сто дена од 2021 година, што значи дека остануваат уште 40 дена.

Покрај тоа, Тедрос изрази задоволство поради тоа што жителите на Гана и на Брегот на слоновата коска во понеделникот започнаа да ги примаат првите дози од вакцините против коронавирусот преку меѓународната програма Covax.

„Влева надеж кога гледаме дека почнува да се вакцинира здравствениот персонал во земјите со ниски приходи, но нѐ натажува тоа што се случува речиси три месеца по некои од најбогатите земји. Тажно е и што некои земји ги вакцинираат младите здрави лица кои се помалку ризични, додека здравствените работници и постарите во другите држави не се вакцинирани“, рече Тедрос.