СЗО: Можеби никогаш нема да има „чудотворно решение“ за Covid-19

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) во понеделникот предупреди дека, и покрај големите надежи кои се полагаат во пронаоѓањето вакцина против новиот коронавирус, можеби никогаш нема да има „чудотворно решение“ за болеста којашто тој ја предизвикува, како и дека враќањето на општествата во нормалата ќе биде долго.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус и шефот на одделот за вонредни сосојби Мајк Рајан, инсистираат државите строго да ги спроведуваат епидемиолошките мерки, како што се носењето маски, одржување на социјалната дистанца, редовното миење на рацете и тестирањата на Covid-19.

„Пораката за луѓето и владите е јасна: Сторете го сето тоа“, изјави Тедрос на виртуелната конференција за медиумите во седиштето на оваа органиција којашто делува во рамките на Обединетите нации во Женева.

Заштитните маски, порача челникот на СЗО, би требало да станат симбол на солидарноста ширум светот.

„Поголем број вакцини се во третата фаза од клиничките испитувања и сите се надеваме дека ќе имаме повеќе ефикасни видови вакцини коишто би помогнале во спречувањето на заразата. Меѓутоа, засега нема чудотворно решение и можеби никогаш нема ниту да го има“, рече Тедрос.

Челникот на СЗО призна дека постои стравување дека нема да имаме вакцина којашто е ефикансна, или заштитата од болеста ќе биде само краткотрајна и ништо повеќе, но дека тоа нема да се знае сѐ додека не завршат клиничките испитувања.

Мајк Рајан истакна дека земјите со голема стапка на пренесување на болеста, меѓу кои се и едни од најнаселените како Бразил и Индија, мора да се подготват за „голема битка“, како и дека „патот е долга“ и бара „непоколеблива доследност“.

 

Мајките треба да дојат без оглед на заразата

На истата прес-конференција, Тедрос истакна дека мајките треба да ги дојат своите бебиња и доколку се заразени со коронавирусот, бидејќи ползата од тоа ги надминува ризиците за пренесување на инфекцијата.

„СЗО препорачува мајките со сомнежи или со потврден Covid-19 да се охрабруваат да започнат или да продолжат со доењето“, рече Тедрос.

Во периодот кога светот ја одбележува седмицата на свеста за важноста на доењето, Тедрос рече дека „многуте предности на доењето за доенчињата и децата значително се поголеми од потенцијалниот ризик од инфекцијата“.