СЗО објави за 90 отсто намалување на заразување и смртноста од Covid-19 во светот

Заразувањето и смртноста од Covid-19 во светот се намалени за повеќе од 90 отсто во однос на годинепниот пик, објави во вторникот генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО – WHO) Тедрос Аданом Гебрејезус на брифингот во Женева.

Оцени дека трендот е „добра вест“, но дека бројот смртни случаи во последната седмица од 8.737 не може да се смета за „прифатлив“, со оглед на тоа дека светската заедница веќе има алатки за контрола на пандемијата.

„Овој тренд е многу добар. Сепак, минатата седмица СЗО доби информации за повеќе од три милиона случаи“, рече Гебрејезус истакнувајќи дека поради ослабениот епидемиолошки надзор и тестирање во некои земји не се пријавени сите случаи и всушност ги има повеќе.

„Освен тоа, минатата седмица беа пријавени и 8.737 смртни случаи во светот. Не може да има прифатливо ниво на смртност од Covid-19, имајќи предвид дека се достапни средства за спречување, откривање и лекување на болеста“, рече Тедрос.

Според првиот човек на СЗО, потребен е „подобар механизам за споделување лиценци“ за лекарства во итни случаи. Во врска со ова, тој се надева дека на 12-та министерска конференција на Светската трговска организација (СТО – WTO) во Женева ќе биде донесена одлука за суспендирање на правата на интелектуална сопственост за вакцините, дијагностиката и лековите за да може да се произведуваат пошироко низ светот.

Заклучно со 13-ти јуни, во светот се регистрирани 532.887.531 случаи на болеста и 6.307.021 смртни случаи од почетокот на пандемијата на коронавирус.