СЗО повикува на „итна акција“ по смртните случаи од сируп против кашлица

Светската здравствена организација (СЗО – WHO) повика во понеделникот на „моментална и усогласена акција“ за заштита на децата од контаминираните лекови, по низата смртни случаи поврзани со сирупи против кашлица минатата година.

Минатата 2022 година повеќе од 300 деца, повеќето помлади од пет години, во Гамбија, Индонезија и Узбекистан, починале од акутно затајување на бубрезите предизвикано од контаминирани лекови, соопштија од СЗО.

Сирупите против кашлицата, коишто се издаваат без рецептот, содржеле високи дози од диетилен гликол и етилен гликол

„Станува збор за отровни хемикалии кои се користат како индустриски раствори и средства против смрзнување, а може да бидат смртоносни дури и доколку се земат во мали количества, па никако не би смеело да се најдат во лекови“, истакнуваат од СЗО.

Агенцијата наведува и дека седум земји пријавиле контаминација на сирупи во последните четири месеци и ги повикува сите 194 земји и територии нејзини членки да спречат нови смртни случаи.

СЗО претходно веќе испратил предупредувања за одредени лекови во октомври и претходно во јануари. Побарале од рафтовите во аптеките да бидат отстранети сирупите против кашлање коишто ги произведуваат индиските фармацевтски компании „Maiden Pharmaceuticals“ и „Marion Biotech“, коишто се доведуваат во поврзаност со смртните случаи на децата во Гамбија, односно Узбекистан.

Покрај тоа, СЗО издаде минатата година и предупредување за сирупите против кашлица на четири индонезиски производители „PT Yarindo Farmatama“, „PT Universal Pharmaceutical“, „PT Konimex“ и „PT AFI Pharma“. Станува збор за сирупи кои се продавале на домашниот индонезиски пазар.

Некои од компаниите негираа дека нивните производи биле контаминирани, а други, пак, одбиле да го коментираат случајот додека истрагата е во тек.