СЗО: Предностите на вакцините на „АстраЗенека“ ги надминуваат ризиците

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека веруваат дека придобивките од вакцината против коронавирусот на „АстраЗенека“ го надминуваат ризикот од потенцијален развој на тромб.

СЗО наведува дека сè уште ја испитуваат безбедноста на вакцината откако дваесетина земји во ЕУ ја прекинаа употребата по извештаите дека кај некои пациенти се појавил тромб по вакцинацијата.

Светската здравствена организација истакнува дека тие сè уште веруваат дека придобивките од вакцината против болеста, од која починаа повеќе од 2,6 милиони луѓе, ги надминуваат ризиците.

Од 17 милиони луѓе вакцинирани со оваа вакцина во светот, пријавени се 40 случаи на тромбоза и белодробна емболија и неколку смртни случаи, што доведе до сомнежи за безбедноста на вакцината.

„Во моментов, СЗО верува дека придобивките од вакцината на АстраЗенека ги надминуваат ризиците и препорачува да продолжи употребата на вакцината“, се наведува во соопштението на СЗО.

Кејт О’Брајан, директорка на одделот за имунизација и вакцини на СЗО, изјави денеска дека експертите сè уште разгледуваат дали има врска помеѓу згрутчувањето на крвта што се појавило кај некои вакцинирани лица и вакцината.

И Европската агенција за лекови и СЗО и „АстраЗенека“ инсистираат на тоа дека вакцината, развиена во соработка со Универзитетот во Оксфорд, е безбедна и дека нема врска помеѓу вакцините и пријавените згрутчувања на крвта.

Претставниците на ЕУ се согласија со нив, верувајќи дека придобивките од вакцината ги надминуваат сите можни ризици.

Сепак, трите најголеми земји на ЕУ – Германија, Франција и Италија – како и други ја прекинаа употребата на вакцината, што и зададе дополнителен удар на веќе бавната имунизација на Унијата.

Досега повеќе од 11 милиони Британци се имунизирани со вакцината на шведската компанија и не се пријавени сериозни проблеми или несакани ефекти.

Потпретседателката на Европскиот парламент, Катарина Барли вели дека ниту ЕУ ниту ЕМА не можат да сторат многу за да се заложат за планот за вакцинација во Унијата.

– ЕУ нема толку многу авторитет над земјите-членки. Затоа, ако една земја процени дека вакцината е премногу ризична и повеќе не сака да ја користи, притисокот врз другите да го сторат тоа расте, бидејќи јавноста сега смета дека вакцината е опасна – изјави Барли за Дојче веле.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.